Макрон и се заблагодари на француската полиција за справувањето со протестите

Претседателот на Франција Емануел Макрон

Претседателот на Франција Емануел Макрон на Твитер ѝ се заблагодари на полицијата за „професионалноста и храброста“, откако 1.220 лица беа уапсени во насилствата на антивладините демонстрации во Париз и во другите градови, вклучувајќи ги Лион, Марсеј и Бордо. Се очекува Макрон наредниве денови да одржи голем говор, и да се осврне на проблемите на „жолтите елеци“. Премиерот Едуар Филип апелираше на „единство“ и вети дека Макрон ќе се осврне на проблемите на демонстрантите.

Францускиот министер за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, изјави дека полицијата успеала да ги доведе демонстрациите „под контрола“ и покрај распространетите немири. Кастанер рече дека се повредени 135 лица, вклучително и 17 полицајци. Министерството проценува дека имало 10.000 демонстранти во Париз, а околу 125.000 демонстранти низ целата земја. Околу 8.000 полицајци излегле на улиците на главниот град, а 89.000 офицери низ целата земја.

Макрон молчеше додека се одржуваа демонстрациите, кои траат веќе четири недели, откако движењето што почна како протест против зголемување на данокот на гориво се претвори во бунт против намалениот животен стандард. Тој веќе го укина најавеното зголемување на данокот на горивата, но тој чекор не стави крај на протестите на движењето на „жолтите елеци“, кои бараат помали даноци, зголемување на минималната плата и пензија.