Од Иванов до путиновите милијарди за Мадуро

МАКЕДОНИЈА - Почина актерката Љупка Арсова - Џундева, доајен на македонското глумиште родена 1934 година. Таа го помина целиот свој работен век во МНТ - од 1951 до 1990 година кога замина во пензија.

МАКЕДОНИЈА - Во кабинетот на претседателот никогаш не се разговарало за прогласување на воена или вонредна состојба, изјави претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќањето до јавноста. Тој воедно ги повика странските претставници да посочат дали и кој правел некаков присток врз него за да биде прогласена таква состојба. Тој обвини дека УБК е главното жариште на политичките и безбедносните кризи во Македонија.

УКРАИНА - Украина ја обвинува Русија дека продолжува да го блокира Керчскиот Теснец што го поврзува Црното Море со Азовското Море, предупредувајќи дека наскоро ќе испрати повеќе бродови во тој премин.

САД - Зградата на телевизиската мрежа Си-ен-ен во Њујорк беше евакуирана поради дојава за подметната бомба, но не е пронајдена никаква експлозивна направа, соопшти телевизијата. Оваа евакуација е втора во изминатите недели, откако во октомври во Си-ен-ен беше испратен пакет со експлозивна направа.

РУСИЈА - Со уцени и поткуп на пратеници, со директна вмешаност на странски дипломати, беа наметнати уставните измени, вели министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров во интервју за грчкиот весник Ефимерида тон синдактон. Лавров вели дека е „очигледна големата и континуирана интервенција на НАТО и ЕУ во внатрешните работи на Македонија.

ЧЕШКА - Шефот на чешката контраразузнавачка служба Михал Куделка изјави дека неговата служба оваа година разбила руска шпионска мрежа и целосно ги парализирала нејзините активности. Куделка рече дека чешката служба БИС спречила десетици руски и кинески шпиони да работата на чешка територија во изминатите пет години.

ГЕРМАНИЈА - По 18 години на чело на Христијанско демократската унија Ангела Меркел не е кандидат за претседател на оваа конзервативна партија.

ЈАПОНИЈА - Јапонската влада ќе им забрани на своите службеници да ги користат уредите на кинеските компании Хуавеи и ЗТЕ, бидејќи ги смета за закана за безбедноста, пренесуваат денеска јапонските медиуми.

ВЕНЕЦУЕЛА - Претседателот на Венецуела Николас Мадуро најави во Москва дека Русија ќе инвестира 6 милијарди долари во нафтената и рударската индустрија во неговата земја која е погодена со длабока економска криза.

КОСОВО - Соединетите држави ги поддржуваат косовските потези за формирање регуларна армија, со забелешка дека станува збор за процес кој ќе трае неколку години. Ова го изјави американскиот амбасадор во Приштина Филип Коснет во интервју за РТК на неколку дена пред гласањето во косовскиот парламент во врска со ова прашање.