„Тоа е лоша одлука. И ние така ќе направиме“

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин рече дека планот на Вашингтон да се повлече од Спогодбата за нуклеарни сили со среден дострел од 1987 година е лоша одлука и оти и Москва ќе го следи нивниот пример.

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, денеска доби нов 30-дневен притвор и за предметот Титаник на СЈО. Судот донел одлука на обвинетиот да му се одреди мерка притвор во траење од 30 дена, сметано од денот на неговото пронаоѓање.

МАКЕДОНИЈА - Судија на претходна постапка му одреди триесетдневен притвор на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, поради инволвираност во настаните од 27 април во Собранието на Македонија. Притворот му е одреден на предлог на обвинителството.

САД - Голем дел од Вашингтон беше затворен поради погребната церемонија на поранешниот американски претседател Џорџ Буш, кој почина на 94-годишна возраст на 30 ноември.

УКРАИНА - Украинската безбедносна агенција соопшти дека спречила голем сајбер напад и ја обвини Русија дека се обидела да го наруши судскиот систем во Украина. Хакерите, како што е соопштено, користеле фалсификувани сметки во нападот врз компјутери на украинскиот правосуден систем. Украина постојано е цел на големи сајбер напади уште од 2014 година кога Русија го анкетира полуостровот Крим.

СРБИЈА - Српската премиерка Ана Брнабиќ, во врска со најавите за формирање косовска армија, изјави дека се надева дека Србија нема да мора да ја употреби својата војска, но дека во моментов тоа е една од опциите што се на маса, затоа што, како што рече, не може да се гледа ново етничко чистење на Србите.

ФРАНЦИЈА - Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер ги повика, како што рече, разумните жолти елеци в сабота да не се собираат во Париз и предупреди дека ќе го зголеми бројот полицајци на улиците. По нередите во минатиот викенд Кастанер во говорот во францускиот Сенат побара воздржување од насилни протести. За да го смири големото незадоволство, француската влада за шест месеци го одложи поскапувањето на бензинот, струјата и гасот.

БРЕГ НА СЛОНОВАТА КОСКА - Брегот на Слоновата Коска ќе ја изгради првата пловечка електро-централа во Африка, соопшти тамошното Министерство за енергетика, кое сака да ја зголеми употребата на енергија од обновливи извори.

СРБИЈА - Компанијата Антена група, водечка медиумска корпорација во југоисточна Европа, во чија сопственост се Прва телевизија, О2 ТВ, Прва ТВ Црна Гора, Плеј Радио, шест кабелски канали и три портали прва.рс, о2тв.рс и б92.нет, постигна договор со бизнисменот Срѓан Миловановиќ за преземање на 100 проценти од основачките права на Антена групата во Србија и Црна Гора. Вредноста на аквизицијата изнесува 180 милиони евра, соопшти Антена груп. Истражувачката мрежа БИРН објави дека Срѓан Миловановиќ е брат на функционерот на Српската напредна партија Звездан Миловановиќ.