Од загадување до заканување

МАКЕДОНИЈА - Поради големата загаденост на воздухот, Министерството за животна средина и просторно планирање препорачува да се користи јавен превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, за загревање да не се користат прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал, како и правилно да се користат печките за дрва.

УКРАИНА - Украинската полиција извршила претрес во неколку цркви на Руската православна црква и во домови на руски свештеници во неколку градови што ги зголеми тензиите во земјата. Претресот бил во рамките на истрагата за сомневања за ширење на говор на омраза и насилство, соопшти полицијата.

САД - Американскиот државен секретар Мајк Помпео остро ги критикуваше Кина, Иран и Русија поради кршење на бројни договори и мултилатерални спогодби. Во говор пред германскиот Маршалов фонд во Брисел, тој рече дека последните потези од овие три држави предизвикуваат нестабилност во светот.

ФРАНЦИЈА - Француската влада го суспендира зголемувањето на данокот на горива за шест месеци, а тарифите за струја и за гас нема да се зголемуваат зимоска, соопшти денеска францускиот премиер Едуар Филип. До ова доаѓа за да се намалат тензиите поради незадоволството на движењето Жолти елеци кое со денови организира протести.

РУСИЈА - Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретне со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, на 5 декември во Москва. Претходно, и Мадуро во видео порака објавена на Твитер најави дека лета за Москва на сериозни разговори со Путин. Последната посета на Мадуро на Русија беше пред една година.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Советник во Европскиот суд на правдата во правниот совет наведе дека Велика Британија може еднострано да ја промени својата одлука за излегување од ЕУ. Генералниот адвокат на највисокиот суд на ЕУ, Мануел Кампос Санчес-Бордона на судот му кажа дека промената на одлуката на британската влада за активирање на членот 50 од спогодбата на ЕУ за излегување од Унијата би била правно основана.

ИРАН - Иранскиот претседател Хасан Рохани повторно се закани дека Иран ќе го затвори Ормускиот Теснец, низ кој поминува скоро една третина од светската нафта која се испорачува по морски пат.

УКРАИНА - Украинскиот министер за инфраструктура Володимир Омељан изјави дека Русија делумно ги одблокирала украинските пристаништа на Азовското Море, дозволувајќи им на украинските бродови да поминат низ Керчскиот Теснец, за прв пар од 25 ноември, кога руските сили запленија три украински воени брода и ги уапсија 24-те члена на посадите.