Протоколи, нереди и летање во вселената

МАКЕДОНИЈА / БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, потсети дека Алијансата е подготвена да го потпише пристапниот протокол со Македонија штом биде имплементиран Преспанскиот договор. Како што јави дописничката на МИА од Брисел, непосредно пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, Столтенберг повтори дека сега македонските власти треба да го завршат својот дел од работата.

УНГАРИЈА - Лидерите на три опозициски партии во унгарскиот Парламент, во заедничко писмо, повикуваат да му биде повлечен азилот на поранешниот македонски премиер Никола Груевски и тој најитно да биде екстрадиран во Македонија.

РУСИЈА / КАЗАХСТАН - Руската ракета Сојуз беше лансирана од космодромот Бајконур во Казахстан. Таа треба да однесе руски, американски и канадски космонаут на Меѓународната вселенска станица. Ова е прво лансирање на ракета со посада, по неуспешната мисија во октомври годинава.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Шефот на британската разузнавачка служба, МИ6, Алекс Јангер го предупреди Кремљ да го потценува Западот, по нападот со нервен агенс новичок врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Англија. Британските власти ја обвинија Русија дека стои зад нападот, но Москва негира.

ЈЕМЕН - Евакуацијата е клучно барање на Хути борците пред почетокот на мировните разговори за окончување на граѓанската војна во Јемен, кои треба да почнат оваа недела во Шведска. Разговорите се под покровителство на ОН.

ИЗРАЕЛ - Премиерот на Изреал Бенјамин Нетанјаху одговори на препораката на полицијата дека против него и неговата сопруга Сара ќе побара да се покрене обвинение за мито, оценувајќи го тој потег за лов на вештерки. Тој додаде дека истрагата била нечиста уште од нејзиниот почеток и ги отфрли сомнежите за корупција како обид на медиумите и непријателите да го уништат политички. Ова е трет предлог на полицијата да го обвини премиерот за мито.

ФРАНЦИЈА - На насилните протести во текот на викендов во Париз биле запалени 112 автомобили и шест згради, соопшти полицијата, наведувајќи дека во судирите со нејзините припадници некои од учесниците користеле чекани, лопати и други градинарски алатки.

ЈЕМЕН - Катарскиот министер за енергија Саад Шерида ал-Кааби изјави дека неговата земја ќе ја напушти Организацијата на земји-извозници на нафта (ОПЕК) до крајот на годинава. На прес-конференција во Доха, тој рече дека оваа одлука ќе стапи на сила на 1 јануари 2019 година и дека ОПЕК веќе била известена.

УНГАРИЈА - Централноевропскиот Универзитет(ЦЕУ) во Будимпешта соопшти дека бил принуден да ги пресели своите најпрестижни програми во Виена, по долга правна битка со владата на премиерот Виктор Орбан.