ЕУ 2019, Унгарски конгломерат, Помилување од Трамп...

МАКЕДОНИЈА / БЕЛГИЈА - Со исклучок на некои пратеници од Грција и Бугарија, огромното мнозинство европратеници на дебатата пред гласањето за извештајот за Македонија побараа старт на преговори за членство во ЕУ во јуни, но потсетија дека земјата мора да продолжи со исто реформско темпо. Известувачот Иво Вајгл, но и други европратеници потсетија дека не само Македонија, туку и ЕУ треба да ги исполни своите ветувања во евроинтегративниот процес. Тој како и многумина други го поздрави Преспанскиот договор и повика тој да биде комплетиран во македонското Собрание и порача дека верува дека преговорите со ЕУ ќе започнат во јуни 2019.

МАКЕДОНИЈА - Со педесет милиони денари, или околу 810 илјади евра, Владата ќе го поддржува печатењето и дистрибуирањето на печатените медиуми во земјава. Предвидените средства ќе се доделат на печатените медиуми, кои се издаваат на македонски јазик во висина од 50 отсто од направените трошоци за печатење и 50 отсто за направените трошоци за дистрибуција. За медиумите кои се издаваат на јазиците на етничките заедници ќе се доделуваат средства во износ не помал од 50 отсто и не поголем од 70 отсто за направените трошоци за печатење и за дистрибуција.

МАКЕДОНИЈА - Почина академик Блаже Ристовски (1931-2018), редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, соопшти МАНУ. Академик Блаже Ристовски е роден на 21 март 1931 година во с. Гарниково, Кавадаречко. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (на Групата за литература на народите на СФРЈ и македонски јазик), а по одбраната на докторската дисертација Крсте П. Мисирков – живот и делото (1965), бил избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје. Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја (1977-1991) каде што раководел со тимот за културната историја и со Балканолошкото одделение, а до пензионирањето работи како научен советник во Институтот за старословенска култура во Прилеп (1993-1995).

УКРАИНА / БЕЛГИЈА - Портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, изјави дека Алијансата веќе има значајно присуство во Црното Море, одговарајќи на апелот на украинскиот претседател Петро Порошенко НАТО да распореди воени бродови поради тензиите со Русија. Таа рече дека бродовите на НАТО рутински патролираат и спроведуваат вежби во Црното Море.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не ја исклучува можноста да го помилува поранешниот шеф на неговиот изборен штаб Пол Манафорт кој е под сомневање за неговите врски со Русија за време на претседателската кампања во 2016 година. Манафорт е осуден за финансиски малверзации. 69 годишниот Манафорт се соочува со повеќегодишна затворска казна. Тој во септември годинава почна да соработува со тимот на специјалниот советник Роберт Мулер, но деновиве беше соопштено дека постојано ги лажел истражителите.

УНГАРИЈА - Сопствениците на повеќето провладини медиумски куќи во Унгарија ги префрлија средствата на нивните компании на една нова фондација, создавајќи на тој начин огромен десничарски конгломерат. Средноевропската фондација за печат и медиуми опфаќа кабловски ТВ канали, портали на интернет, таблоиди и спортски весници и сите локални весници во Унгарија, како и многу магазини и други гласила. Агнес Урбун, унгарска аналитичарка, оценува дека по ваквиот, како што рече, невиден потег има малку смисла да се зборува за слобода на печатот во Унгарија, поради моќта што ја добива новиот конгломерат. Со Фондацијата ќе управува Габор Лишкај, новински издавач, близок на премиерот Виктор Орбан.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека разговарал со претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Петро Порошенко, за можноста да биде посредник во смирувањето на тензиите настанати по инцидентот меѓу Москва и Киев кај Керчскиот Теснец.

ИТАЛИЈА - Италијанската полиција на една јахта во близина на бреговите на Сицилија заплени 11 тони хашиш, при што се приведени двете лица што се наоѓале бродот, кои биле бугарски државјани. Полицијата дејствувала по добиени оперативни информации од Шпанија.

КОСОВО / СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ, со поддршка на Русија, предлага Белград да ја признае независноста на Косово, во замена за дел од неговата територија, тврди косовскиот премиер Рамуш Харадинај во авторски текст за Вашингтон пост.

ГРЦИЈА - Полицијата во Грција објави дека уапсила над 60 луѓе од две банди за шверц на злато собрано во многубројните откупни продавници чиј број се зголеми поради тешката финансиска криза. Во текот на апсењето полицијата запленила злато и драгоцени камења во вредност од над 2 милиона долари.