Москва бара Договорот од Преспа да се разгледува на Советот за безбедност на ОН

Архивска фотографија: Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и рускиот амбасадор во ОБСЕ Александар Лукашевич

Рускиот амбасадор во ОБСЕ Александар Лукашевич со серија твитови ги коментира политичките случувања во Македонија, ги обвинува западните земји за мешање во внатрешните работи на земјата и го повторува порано искажаниот став на Москва дека Договорот од Преспа треба да биде разгледан во Советот за безбедност на ОН.

„Евентуалниот конечен договор, во согласност со став 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност на ОН, ќе биде разгледан од Советот за безбедност на ОН“, наведува Лукашевич во твитовите што ги пренесува и Руската амбасада во Скопје.

Во контекст на политичките случувања, Лукашевич вели дека „мешањето на САД и другите западни земји во внатрешните работи на Македонија предизвика повторно враќање на акутната политичка криза во земјата која не е надмината повеќе од три години“.

„Јавната доверба во институциите и демократските процедури во Македонија се поткопани. Референдумската алатка и парламентарната процедура беа дискредитирани. Прогонот на оние кои не се согласуваат со политиките на владата на Македонија се интензивираат. Продолжува невидениот притисок врз претседателот на државата, а се појавија и информации дека телефоните во неговата канцеларија се прислушуваат“, наведува рускиот амбасадор во ОБСЕ во пораките на Твитер.

Министерството за надворешни работи на Русија минатиот месец обвини дека поддршката за почеток за уставни измени заради имплементација на Договорот од Преспа, била обезбедена со уцени, закани и купување гласови. Крајната цел, според Москва, е САД и западните сојузници по секоја цена да ја внесат Македонија во НАТО. Руската амбасада во Скопје потоа објави дека Москва не го менува ставот во однос на уставното име на Република Македонија.

„Русија ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име пред повеќе од 26 години и својот став не го менува“, напиша на Твитер на Руската амбасада во Скопје, веднаш по изгласувањето на одлуката во македонското Собрание за пристапување кон измена на Уставот заради имплементација на Договорот од Преспа.