Од унгарската врска до Султанот на кованите пари

МАКЕДОНИЈА - Поради основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот Никола Груевски нелегално да ја напушти Република Македонија, Обвинителството почна предистражна постапка. Предметот е оформен по допрен глас.

МАКЕДОНИЈА - Парадоксално е личност во чие владеење Македонија беше окарактеризирана како заробена држава токму од Европската комисија да бара азил од земја-членка на ЕУ, му рекол шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на неговиот унгарски колега Петер Сијарто.

МАКЕДОНИЈА - Отворајте вратите, се брани Македонија, нема назад, ако треба ќе гинеме за Македонија се дел од СМС и вибер пораките коишто си ги разменувале пратеници и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ за време на насилствата во Собранието на 27 април минатата година, а кои беа приложени на последното судско рочиште.

АЛБАНИЈА - Унгарската амбасада во Тирана ниту ја потврдува, ниту ја демантира информацијата на некои регионални медиуми дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски, една ноќ минал во оваа Амбасада по што од Меѓународниот аеродром во Тирана заминал за Будимпешта.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Неколкумина британски министри поднесоа оставки во знак на протест против нацрт-договорот за Брегзит постигнат меѓу Лондон и ЕУ по неколкумесечните преговори.

ИРАН - Иран погуби две лица од кои едниот трговец, наречен Султан на кованите пари поради учество во огромна трговија со злато во вредност од стотици милиони долари со што заработиле од кризата на иранската валута, риалот. Погубени биле Вахид Мазлумин и неговиот соучесник Есмаил Гасемо кои беа осудени за земска корупција, најголемо обвинување во Иран, бидејќи формирале и раководеле мрежа која го дестабилизира иранското стопанство.

САД - Спасувачките тимови во северна Калифорнија пронајдоа тела од уште осум лица кои ги загубија животите во најголемиот пожар во историјата на оваа американска сојузна држава. Со тоа бројот на загинати се искачи на 56.

ЈАПОНИЈА - Јапонскиот министер задолжен за сајбербезбедност, Јошитака Сакурада, ја шокираше јавноста кога призна дека никогаш не користел компјутер во својот професионален живот.

САУДИСКА АРАБИЈА - Саудискиот обвинител Сауд ал-Моџеб побара смртна казна за петмина обвинети за убиството на новинарот Џамал Кашоги и ја исклучи можноста престолонаследникот Мохамед бил Салман да бил вклучен во злосторството. Според него, Мохамед бил Салман нема никакви сознанија за овој случај.