Империја, потерница и ѓаволски ветрови

Потерница по Никола Груевски

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на судечкиот совет Огнен Ставрев, на почетокот на последното рочиште за случајот Монструм или Петкратното убиство кај Смилковското езеро информира дека се уште нема одговор на барањето за екстрадиција на двајца од обвинетите, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство на Косово.

МАКЕДОНИЈА - Македонија го почнува подготвителниот скрининг за Поглавјето 24 насловен Правда, слобода и безбедност. Македонската делегација во Брисел ја предводи вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во својство на главен преговарач и шеф на државната делегација за преговори со ЕУ. 

МАКЕДОНИЈА - Основниот суд Скопје 1 соопшти дека судија на претходна постапка го замрзнал имотот на осомничените во случајот Империја на СЈО. По барање на обвинителството, судот определи привремени мерки и забрани отуѓување и располагање со уделите на правните лица за кои постои основано сомнение дека била прибавена имотна корист со кривичните дела за кои се води постапката.

САД - Најмалку 30 луѓе загинаа, а стотина се водат за исчезнати во двата џиновски пожара кои беснеат од четвртокот во Калифорнија. Пожарникарите и натаму се соочуваат со силни ветрови додека работат да го локализираат оганот.

ФИНСКА - Финска соопшти дека истражува дали Русија неодамна го попречувала GPS сигналот во северниот фински регион Лапонија за време на воени вежби на НАТО, на тој начин загрозувајќи го и цивилниот воздушен сообраќај.

ТУРЦИЈА - Припадниците на турската крајбрежна стража почнаа акција за потрага и спасување на 10 мигранти, кои исчезнале откако денеска потона нивниот чамец во Егејското Море. Чамецот потонал крај брегот на Дикилија, во провинцијата Измир, во близина на грчкиот остров Лезбос, јави Анадолија.

СРБИЈА - Едно лице загина, а петмина се повредени во тешка сообраќајна несреќа во центарот на Белград, кога трамвај излета од шините. Несреќата се случила кога автомобил Дачија поминал на црвено и се удрил во предниот дел на трамвајот, кој од силата на ударот излегол од шините, удрил во дрво и згазил пешак.

БЕЛГИЈА - Франција и Германија ги оценија за илегални и нелегитимни изборите на сепаратистите поддржани од Русија во Источна Украина, придружувајќи им се на меѓународните критики за ова гласање.

БУГАРИЈА - Илјадници Бугари блокираа важни сообраќајници и патишта во земјата во знак на протест поради зголемувањето на цените на горивата, данокот на постари автомобили и очекуваното поскапување на премиите за осигурување на автомобилите.

АВГАНИСТАН - Најмалку шестмина загинале, а десетмина се повредени во самоубиствен бомбашки напад во близина на протест во Кабул, каде што стотици луѓе протестирале против, како што велат, неуспехот на владата да го заштити шиитското хазарејско малцинство од талибанските напади. 

СРБИЈА - Светиот архиерејски Собор на Српската православна црква (СПЦ) соопшти дека одлуката на Цариградската патријаршија за автокефалност на украинската црква е неоснована, а одлуката за рехабилитација на расколничките групи е неприфатлива и поради тоа Српската православна црква не ги признава.