Путиновата агентура во Македонија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Како работи руското разузнавање во Македонија

Според аналитичка информација на УБК, а објавена од истражувачката мрежа ОЦЦРП, последниве десетина години во Македонија има засилено разузнавачко дејствување на руски агенти, меѓу кои и припадници на елитните СВР и ГРУ. Документот ја покажува и шемата на руските разузнавачи во Македонија.

Разузнавачката дејност на Русија во Македонија во последните десетина години е една од најчесто користените методи на Москва за ширење на руското влијание во државата, потврдуваат истражувачите од балканската мрежа за истражување организиран криминал и корупција ОЦЦРП, повикувајќи се на официјални документи од македонската УБК. Според тие документи, имајќи ја предвид руската стратегија за воена неутралност на Балканот, еден од главните фокуси на руските разузнавачи е македонската определба за членство во НАТО, а, како што стои во документот, разузнавачите и нивните соработници се вградуваат во дипломатско-конзулaрни мисии, информациски агенции, научни институции, економски институции и бизниси, НВО ...“.

Ваквата изразена разузнавачка дејност, стои во документот што го објави ОЦЦРП, е резултат на кадровската екипираност на амбасадата, со проверени и искусни кадри, а „разузнавачките и пропагандните активности главно се спроведуваат преку политичкиот, воениот и безбедносниот оддел во амбасадата“. На ова од руската амбасада во Скопје, а и од официјална Москва повеќе пати одговорија дека Русија не се меша во внатрешната политика на Македонија и во нејзините политички определби и дека сето тоа е плод на западната пропаганда.

Агенти на СВР и ГРУ во Македонија?

Во документот, кој всушност е извештај од македонската УБК изготвен пред промената на власта во Македонија, стои дека во политичко-безбедносниот оддел на руската амбасада „се издиференцирани тројца припадници на руската СВР и четворица припадници на руската воено-разузнавачка служба ГРУ, кои се координирани од центарот на СВР во Белград и на ГРУ во Софија. Дел од мрежата е и руската владина агенција Росотрудничество, која иако не е од редот на професионалниот кадар на руското МНР, во амбасада ужива дипломатски статус.

„Политичкиот оддел во амбасадата во кој има припадници на руското СВР е носител на пропагандната активност во државата, што изминатите години резултираше со организирана поддршка на македонско-руски здруженија, а со цел обезбедување на наклонетост на македонските граѓани кон политиката на Русија. Припадниците на руското воено разузнавање ГРУ, акредитирани во амбасадата, изминатите години преземаа активности за разузнавачки продор во воено-безбедносните структури, во Министерството за одбрана и во АРМ, кои од македонската УБК беа успешно спречени. Фокус на руските воени разузнавачи во Македонија се НАТО интеграциите и воената соработка и комуникацискиот систем меѓу Македонија и НАТО“, се вели во аналитичката информација на УБК, објавена од ОЦЦРП.

Според истиот документ, „припадници на ГРУ се обиделе да создадат паралелни безбедносни структури во Македонија од редот на поранешни и сегашни припадници на МВР, МО и АРМ“.

Путин прво прави проблеми, па после се нуди како миротворец

Поголем дел од домашните, а особено странските аналитичари, дипломати и политиколози сметаат дека Русија е свесна за силната македонска определба за НАТО и дека на тоа поле не можат многу да сменат, но оти тоа не значи дека Русија ќе престане со обидите за мешање и за отворање на т.н. замрзнати конфликти и дестабилизација, за потоа, како што вели во интервју за Радио Слободна Еврпа украинскиот дипломат Олександар Левченко, рускиот претседател Владимир Путин да се јави и да понуди решение на проблемот.

„Дестабилизацијата на овој регион во интерес на Путин е тој после тоа да дојде како миротворец. Значи, тој доаѓа, разгорува војна, и потоа се покажува како некој фактор и кажува дека е подготвен да преговара со Западот, со Америка за да ја реши таа ситуација“, вели Левченко во интервју за Радио Слободна Европа.

„Ваквите субверзивни и разузнавачки активности, иако не се јавно експонирани, може да се оценат како директно мешање во внатрешните работи на Македонија, на патот кон нејзините евроатлантски интегративни процеси“, се заклучува во извештајот.