Мијалков, Трамп и кучињата скитници

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој неодамна беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ, излезе со ново писмо до актуелниот партиски лидер, Христијан Мицскоски. Тој го обвини Мицкоски дека доживеал голем срам на меѓународна сцена од сестринските партии кои се дел од Европската народна партија, со тоа што на Конгресот на ЕНП во Хелсинки, освен официјалната партиска делегација, биле поканети и претставници на оние кои го поддржаа Преспанскиот договор и беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ. Мијалков го обвинува Мицкоски и за лажен патриотизам и лицемерие.

МАКЕДОНИЈА - Првиот нацрт-амандман за промена на Уставот помина на собраниската Комисија за уставни прашања со десет гласови ЗА и пет ПРОТИВ. Со овој нацрт-амандман се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот освен во член 36 каде има историски аспект.

МАКЕДОНИЈА - Обвинителката Вилма Русковска пред малку во придружба на полициски службеник го напушти судењето во предметот 27 април откако и се слоши во судницата. Обвинителката Русковска од судијката Добрила Кацарска побара да ѝ дозволи да ја напушти судницата од здравствени причини.

МАКЕДОНИЈА - По немилиот настан во Гостивар, Ветеринарната комора на Република Македонија го реафирмира својот став дека коренот на проблемот со бездомните кучиња е во неодговорното сопствеништво. Тоа треба да се идентификува и адекватно да се санкционира, за што се неопходни построги законски прописи и нивна доследна примена со строги санкции за прекршителите, сметаат тие.

БЕЛГИЈА - Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, на Конгресот на Европската народна партија (ЕНП) се сретна со поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, реформаторот Петар Богојевски и пратеничката Емилија Александрова. Сите тројца беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ поради нивниот став во врска со Преспанскиот договор.

САД - Државниот обвинител на САД Џеф Сешонс поднесе оставка на функцијата по барање од претседателот Доналд Трамп со чии остри напади се соочуваше повеќе од една година поради тоа што се повлече од истрагата за руското мешање во претседателските избори во 2016 година. Сешонс оставката ја објави во писмо упатено до Трамп. Американскиот претседател пак, на Твитер наведе дека за вршител на должноста го поставува шефот на кабинетот на Сешонс, Метју Витакер, поранешен сојузен обвинител на Ајова.

РУСИЈА - Шефот на руската федерална безбедност Александар Бортников изјави дека биле спречени напади со беспилотни летала за време на Светското фудбалско првенство годинава во Русија. Тој не прецизира кои би можело да бидат терористите или како биле спречени нивните обиди.

САД - Тринаесет луѓе, меѓу кои и напаѓачот, загинале кога вооружен маж почнал да пука во преполн бар во јужна Калифорнија. Многумина биле ранети во нападот што се случил во Таусенд Оукс на околу 60 километри западно од Лос Анџелес. Полицијата соопшти дека во моментот на нападот во барот имало стотици луѓе.

ХРВАТСКА - Поранешниот сопственик на Агрокор Ивица Тодориќ, против кого е покрената истрага поради стекнување материјална корист, беше екстрадиран во Хрватска, една година откако беше уапсен во Лондон, каде замина по избивањето на аферата Агрокор.

САД - Белата куќа му ја одзеде акредитацијата на новинарот на Си-Ен-Ен, Џим Акоста, откако тој е претседателот Доналд Трамп имаа жестока вербална конфронтација на вчерашната прес-конференција за изборите.