Ветувања дека нема веќе прислушувања, Белата палата замрзната, Руски санкции за украинската елита...

МАКЕДОНИЈА - И официјално почна да работи новата Оперативно-техничка агенција (ОТА). Надлежните тврдат дека таа ќе го штити безбедносниот интерес на граѓаните и ќе го спречи нелегалното прислушување во земјата.

МАКЕДОНИЈА - Македонија и Грција, по повеќе од една деценија го обновуваат директниот лет на релација Скопје - Атина. Ова авиорелација беше прекината откако претходната влада на ВМРО ДПМНЕ го наименува аеродромот во Скопје во Александар Велики. Сегашната влада го преименува во Меѓународен аеродром Скопје во февруари во знак на добра волја. Летовите ќе бидат два пати неделно.

МАКЕДОНИЈА - Пратеникот Драган Данев на неговиот партиски колега и пратеник Никола Мицевски му ја предаде функцијата координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија.

МАКЕДОНИЈА - Судија на претходна постапка, по барање на СЈО, изрече привремена мерка за обезбедување на имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. СЈО информира дека со мерката се замрзнати вкупно 69 недвижнини меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата.

РУСИЈА - Русија воведе тешки санкции против 322 Украинци од политиката и бизнисот и 68 компании во сопственост на познати украински бизнисмени. Меѓу опфатените со санкциите се и синот на претседателот Петро Порошенко, Олексеј, министерот за внатрешни работи Арсен Аваков, шефот на службата за безбедност Васил Хрицак, вицепремиерката Ивана Климпуш-Цинцадзе...

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да испрати до 15.000 војници на границата со Мексико за да го спречи влегувањето на американска територи на караваните со мигранти од Централна Америка кои бегаат од глад и насилства во нивните земји.

ТУРЦИЈА - Убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул не можело да биде извршено без инструкции од високо ниво, изјави портпаролот на турската владејачка Партија на правдата и развојот Омер Челик.

БРИСЕЛ - Земјите членки на ЕУ ја поддржаа предлог директивата за забрана на некои пластични производи за еднократна употреба. Цел на предлогот кој Европската комисија го даде кон крајот на мај е борбата против загадувањето со пластика што најмногу ги погодува морињата и бреговите. Се предлага забрана на десет категории секојдневни пластични производи како стапчиња за уши, држачи за балони, пластичен прибор за јадење, пластична опрема за риболов, што претставува 70 насто од целиот отпад во морињата. Оваа директива би можела да стапи во сила од 2021 година.

КОСОВО - Двајца опозициски пратеници, Фрашер Красниќи од Социјалдемократската партија на Косово (ПСД) и Џељаљ Свечла од Движењето Самоопределување (ВВ), се степале по завршувањето на дебатната емисија Рубикон на телевизијата КТВ, во која учествувале како гости, објавија косовските медиуми.