Се подготвува одговор за Мијалков, Меркел најавува збогување, Се урна авион со 188 патници...

МАКЕДОНИЈА - Од ВМРО-ДПМНЕ се уште нема реакција на писмото од поранешниот шеф на Управата забезбедност Сашо Мијалков во кое тој директно го повикува и обвинува актуелниот партиски претседател Христијан Мицкоски. Високи извори од партијата најавуваат одговор на писмото деновиве, но тој нема да бил, како што велат, таков како што очекувала јавноста, без да прецизираат каков ќе биде.

МАКЕДОНИЈА - Предлог-законот за амнестија на ВМРО-ДПМНЕ, според упатените е задоцнета реакција. Според нив, по поддршката во Собранието за продолжување на процесот за усвојување на уставните измени, предноста е во рацете на владејачките партии и сега ВМРО-ДПМНЕ нема простор за договор.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Собранието Талат Џафери на редовната понеделничка координативна средба ги информирал координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на Собранието дека е формирана нова независна пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија со осумтемина пратеници кои гласаа ЗА пристапување кон уставни измени. Координатор на оваа пратеничка група ќе биде Елизабета Канческа - Милевска.

РУСИЈА - Руската Федерална служба за безбедност соопшти дека уапсила еден човек кој носел злато во вредност од половина милион долари во својот ранец во регионот Саха-Јакутија. Човекот со потекло од Северен Кавказ бил приведен, откако при претрес на неговиот ранец биле пронајдени бројни парчиња злато и пакети со златна прашина.

ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека ова е нејзин последен мандат на чело на германската влада и оти нема да се кандидира за никаква политичка функција по завршувањето на мандатот во 2021 година.

БРАЗИЛ - Екстремно десничарскиот конгресмен Жаир Болсонаро победи во вториот круг од претседателските избори во Бразил, соопшти Централната изборна комисија на таа земја. Со скоро сите пребројани гласови Болсонаро доби над 55 насто од гласовите, победувајќи го левичарот Фернандо Хадад од Работничката партија кој доби нешто над 44 проценти од над 147 милиони луѓе со право на глас.

ИНДОНЕЗИЈА - Индонезиските власти соопштија дека патнички авион на Лајон Ер на домашната линија од Џакарта до Пангкал Пинанг со околу 188 луѓе се урнал во морето во близина на островот Суматра.

РУСИЈА - Стотици луѓе се собраа пред споменикот Соловецки камен на Плоштадот Лубјанка во Москва, на годишната церемонија во чест на сеќавањето на илјадници луѓе погубени од советските власти за време на Големиот терор на Јосиф Сталин. Целодневната церемонија е наречена Враќање на имињата.

ГРЦИЈА - Грчкиот остров Закинтос се поместил за најмалку три сантиметри кон југозапад по силниот земјотрес од 6,4 степени во петокот. Тоа е заклучено врз основа на дигитална обработка и анализи на снимки од сателитот на ЕУ и ЕСА Сентинел-1 на сервисот Коперникус, изјави за грчката агенција АНА, директорот на секторот за истражување на Институтот за геодинамика во Атинската национална опсерваторија, Атанасиос Ганас.