Трамп и Ердоган бараат целосно објаснување за убиството на Кашоги

Архива: Претседателите на САД и Турција, Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган.

Американскиот претседател Доналд Трамп и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор се согласија дека убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул мора да биде целосно објаснето, соопшти турското претседателсто.

„Трамп и Ердоган се согласија дека случајот Кашоги треба да биде расчистен со сите аспекти“, се вели во денешно соопштение на канцеларијата на претседателот, според новинската агенција Анадолија.

Извештаите доаѓаат кратко откако турскиот претседател изјави дека на 23 октомври јавно ќе ја објави „голата вистина“ за убиството на дисидентот.

Ријад првично соопшти дека 60-годишниот новинар на 2 октомври го напуштил саудискиот конзулат неповреден, но на 20 октомври бил убиен во „тепачка“ во зградата, тврдење кое е проследено со глобален скептицизам.

Саудискиот министер за надворешни работи на 21 октомври убиството на Кашоги го нарече „непријателска операција.“

Абдел ал-Џубеир за „Фокс Њуз“ изјави дека одговорните ќе одговараат за оваа „огромна и сериозна грешка.“

Трамп, во интервју објавено на 21 октомври, го критикуваше објаснувањето на Саудиска Арабија, која е близок сојузник на САД, велејќи дека „очигледно има измама и има и лаги.“