Испратена пресудата за Груевски, Осомничениот го признал убиството на бугарската новинарка, Путин почна да гради нуклеарка...

МАКЕДОНИЈА - Второстепената пресуда од Апелацискиот суд за предметот Тенк за Никола Груевски и Ѓоко Поповски е доставена до Кривичниот суд, соопшти Судот.

МАКЕДОНИЈА - Историскиот Преспански договор ја отвора европската иднина за Македонија, НАТО веќе ја покани Северна Македонија да се приклучи, а ЕУ веќе ја сигнализираше нејзината подготвеност следниот јуни да отвори пристапни преговори, изјави американскиот дипломат Метју Палмер.

КОСОВО - Србија предупреди дека создавањето на косовска армија би можело да има непредвидливи последици за безбедноста во регионот. До ваквите реакции на Белград дојде откако Собранието на Косово даде прелиминарно одобрување на законите за зголемување на бројот и на ингеренциите на косовските безбедносни сили.

БУГАРИЈА - Северин Красимиров, осомничениот за силување и убиство на бугарската телевизиска новинарка Викторија Маринова го призна делото и ќе остане во притвор, соопшти судот.

ГРЦИЈА - Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја исклучи можноста за одржување предвремени парламентарни избори по оставката на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, истакнувајќи дека неговата Влада се уште има поддршка од мнозинството пратеници.

ТУРЦИЈА - Четворица припадници на сепаратистичката Курдска работничка партија (ПКК) беа ликвидирани при воздушен напад на турското воено воздухопловство во реонот на Метина и Авасин-Басјан во северниот дел на Ирак, соопшти Генералштабот на Армијата на Турција.

РУСИЈА / УЗБЕКИСТАН - Рускиот претседател Владимир Путин и узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзијаев започнаа со изградба на нуклеарна централа во узбекистанскиот западен регион Навои, за која Москва проценува дека ќе бидат потребни 11 милијарди долари.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека навистина изгледа оти исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги е мртов. Тој додаде дека последиците по Саудијците мора да бидат многу остри, доколку се утврди дека тие го убиле.