Заев пак повика на простување, Казна за адвокатите од Крвавиот четврток, Помпео во Саудиска Арабија...

МАКЕДОНИЈА - Секогаш сум бил за дијалог и изнаоѓање на решенија преку разговор, има премногу поделби во Македонија и сите знаеме дека треба да си простиме, изјави премиерот Зоран Заев на собраниската седница за промена на Уставот на прашање на пратеникот Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ кој предложи лидерите на двете најголеми партии да донесат решение за иднината на државата.

МАКЕДОНИЈА - За два дена Македонија ги почнува пристапните разговори за членство во НАТО во Брисел. Министрите за одбрана и надворешни работи Радмила Шекеринска и Никола Димитров, на пратениците им порачаа дека сега е време да покажат дека националните интереси се над партиските.

МАКЕДОНИЈА - Судскиот совет предводен од судијката Добрила Кацарска ги казни со по илјада евра и ги отстрани од судницата сите адвокати на обвинетите за настаните во Собранието од 27 април.

САД / САУДИСКА АРАБИЈА - Американскиот државен секретар Мајк Помпео пристигна во Саудиска Арабија да разговара со кралот на земјата во врска исчезнувањето на наводното убиство на саудискиот новинар Џамал Кашоги.

ИТАЛИЈА - Инвеститорите стравуваат дека големите планови за трошење на Италија би можеле да создадат нова должничка криза во еврозоната. Само што таа би била многу поголема од онаа кога светот беше загрижен за Грција, која е многу помала економија.

УКРАИНА - Украина соопшти дека еден од нејзините војници е убиен и тројца се повредени како резултат на судири со сепаратистите на истокот на земјата.

ИРАН - Иранските медиуми објавуваат дека 14 граничари, вклучително разузнавачи од Револуционерната гарда, биле киднапирани на јужната граница со Пакистан.

ГЕРМАНИЈА - Се уште не се познати мотривите на мажот кој два часа држел како заложник жена на главната железничка станица во Келн, а повредил уште две лица, соопшти полицијата, наведувајќи дека се води истрага дали тој бил поврзан со екстремистите.

ИТАЛИЈА - Италијанскиот премиер Џузепе Конте најави дека на самитот на Европската унија на 18 овој месец ќе побара од лидерите на Унијата да им дозволат на Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој да финансираат мали и средни претпријатија во Русија како што и беше пред санкциите воведени во 2014 година.