Дебата за уставните измени, Нов осомничен за убиството на бугарската новинарка, Руска рафинерија во БиХ во пламен...

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев во Собранието рече дека уставните измени заслужуваат поддршка од сите пратеници. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во менувањето на Уставот и затоа власта не може да обезбеди двотретинско мнозинство за промените, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски.

МАКЕДОНИЈА - Војници на АРМ со неколку истрели во воздух спречиле група мигранти нелегално да влезат во територијата на Македонија, информираат од АРМ, наведувајќи дека еден од мигрантите е уапсен од МВР и предаден на органите за натамошна постапка.

МАКЕДОНИЈА - Градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин на прес-конференција изјави дека по разговор со инвеститорот издал решение за запирање на градбата на зградата кај Мајчин дом. Забраната важи за 15 дена.

МАКЕДОНИЈА - Обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи на почетокот на рочиштето за предметот Насилство во Центар побара приведување на поранешниот премиер Никола Груевски поради неговото доцнење на судењето, но по излагањето на неговиот адвокат Димитар Дангов, со задоцнување од 15 минути, Груевски влезе во судницата.

ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека граѓаните на Македонија го поддржале договорот со Грција за решавање на спорот со името и оти задача на Собрането е да го спроведе до крај. 

ТУРЦИЈА - Најмалку девет лица се загинати и 25 се водат за исчезнати, отакако потонал чамец со бегалци и мигранти во близина на турското крајбрежје, објавија грчките медиуми цитирајќи претставници од турската крајбрежна служба.

БУГАРИЈА - Полицијата во Германија уапси едно лице во врска со силувањето и убиството на бугарската новинарка Викторија Маринова, соопштија властите во Бугарија.

КЕНИЈА - Најмалку 50 луѓе загинале во сообраќајна несреќа на автобус во Кенија, соопштија претставници на полицијата и на Црвениот крст. Очевидци велат дека сообраќајната несреќа се случила кога автобусот се превртел од патот додека се симнувал од стрмна падина, објави весникот Дејли репортер.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИЈА - Силна експлозија ја погоди рафинеријата во северна БиХ која е во руска сопственост, при што загинал еден работник, а еден е повреден, соопшти полицијата.