Потврдена затворската казна за Груевски, Хан вели не е време за избори, Путин во Индија

Апелациониот суд ја потврди затворската казна од две години за поранешниот премиер Никола Груевски за случајот Тенк, односно за набавката на владиниот Мерцедес. Груевски обвини за политички прогон, рече дека ќе ги искористи сите правни средства што му стојат на располагање и соопшти дека нема да гласа за уставните измени предвидени со Договорот со Грција. Тој денеска беше на судење во случајот Титаник за изборни измами.
 

Не се потребни предвремени парламентарни избори во Македонија, туку треба да се искористи можноста и да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Тој вели дека оваа порака веќе му ја пренел на македонскиот премиер Зоран Заев, објавуваат австриските медиуми. Хан смета дека е можно во Парламентот да се обезбеди двотретинско мнозинство, велејќи дека потребни се осум или девет гласови од опозицијата „и тоа мора да биде остварено“.
 

ВМРО-ДПМНЕ до Основното Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднело кривичната пријава за повеќе од 200 лица, претседатели, членови и нивни заменици на избирачки одбори во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње и во Сарај. Според соопштението на партијата, постои основано сомнение дека на изминатиот референдум над 50.000 гласови биле злоупотребени во текот на референдумот.
 

Градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев поднел оставка од функцијата. Оставката, како што се наведува, до дописот до претседателот на советот и советот на Општината, ја поднел поради морални причини. Неговата партија, СДСМ, побара оставка од него откако беше осуден на шест месеци затвор за шверц на цигари, а обвинителството побара да му се активира и стара условна пресуда од две години затвор за злоупотреби во службата.
 

Постои ризик од војна на Западен Балкан доколку ЕУ направи да изчезнат надежите на земјите од регионот за членство во Унијата, изјави денеска претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер. Тој порача и дека земјите од регионот ќе мора да ги решат своите гранични спорови пред зачленувањето во ЕУ, со цел во Унијата да „не ја внесат нестабилноста што доаѓа од Западен Балкан“.
 
 

Рускиот претседател Владимир Путин и индискиот премиер Нарендра Моди денеска во Њу Делхи потпишаа договор Русија да ѝ продаде на Индија ракетен систем за противвоздушна одбрана С-400, и покрај заканите од американски санкции поради трговија со Русија во областа на одбраната. Путин и Моди разговарале и за нуклеарната енергија, истражувањата на вселената и за економијата.
 

Најмалку 13 луѓе загинаа, а 17 се повредени во сообраќајна несреќа во близина на градот Твер, 180 километри северозападно од Москва. Министерството за вонредни состојби и локалната сообраќајна полиција соопштија дека патниците во минибусот „Форд“ загинале откако возилото денеска се судрило со на автопатот со автобус „ЛИАЗ“.
 

Гинекологот од Конго, доктор Денис Муквеге, кој специјализираше во третманот на жени кои биле групно силувани од бунтовничките сили во Конго, како и жртвата на силување од населението Јазиди, Надја Мурад, се добитници на Нобеловата награда за мир во 2018 година „за нивните напори да се стави крај на употребата на сексуалното насилство како оружје за војна и вооружени конфликти“. Муквеге и Мурад беа избрани од листата од 331 номинирани кандидати.
 

Поранешниот јужнокорејски претседател Ли Мјунг Бак денеска во Сеул беше осуден на 15 години затвор. Тој е осуден за корупција и проневера на средства, а освен затворот, ќе треба да плати и 10 милиони евра.