Иванов обвини за „двојни аршини“ од ЕУ, Заев ги отфрли барања на ВМРО-ДПМНЕ, Западот обвинува руски разузнавачи за хакирање

Претседателот Ѓорге Иванов денеска од Прага порача дека НАТО и ЕУ не може да бидат алиби за лош договор со Грција. По средбата со неговиот чешки колега Милош Земан во Прага, Иванов ја обвини ЕУ за „двојни аршини“, зашто од ниедна друга земја која влегла во ЕУ и во НАТО не се барало она што Брисел го бара од Скопје. Земан рече дека ги поддржува македонските напори за членство во ЕУ и во НАТО. Ако одѕивот на референдумот е мал, тоа може да бидат три работи: бојкот, незаинтересираност или лошо поставено прашање. Но, тоа мора да го решат нашите македонски пријатели сами, рече Земан.
 

Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за техничка влада со мандат од 100 дена според Пржинскиот модел, за нов јавен обвинител и анкетна собраниска комисија за референдумот се апсолутно неприфатливи, изјави денеска во Охрид премиерот Зоран Заев. Тој најави дека останува на ставот во наредните денови да се разговара со пратеници во Собранието и дека околу 10 октомври треба да и соопштат на јавноста кои се следните чекори – дали обезбедиле двотретинско мнозинство за Договорот со Грција или ќе има нови избори.
 

Москва денеска остро ги критикуваше водечките западни земји за отворено агитирање на референдумот во Македонија и за грубо мешање во внатрешните работи на земјава, оценувајќи дека тоа е „недопустлива практика“. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова рече дека обидите на Западот немале успех, но оти „без нималку срам беа поздравени резултатите од референдумот и окарактеризирани како широка поддршка на Преспанскиот договор“.

Според најновиот економски извештај на Светска Банка за земјите од Западен Балкан, македонската економија закрепнува, а растот годинава ќе биде околу 2,5 проценти. Но, позитивниот тренд би можел да се смени во услови на политичка нестабилност или избори кои според експертите би го забавиле реформскиот процес.

Американскиот обвинител Џон Демерс го соопштува обвинението против руски разузнавачки офицери во Вашингтон. САД обвинија седуммина припадници на руското воено разузнавање за, како што велат, нивната улога во хакирањето на анти-допинг агенциите и Меѓународната агенција за контрола на користењето на хемиско оружје. Претходно и Велика Британија и Холандија ја обвинија Русија за серија компјутерски напади. Москва иронично одговори дека западот е опседнат со шпионирање.
 

Космонаутите Ричард Арнолд и Ендрју Фјустел од НАСА, лево и десно, и космонаутот Олег Артемјев од Роскосмос, во средина, одмораат кусо по слетувањето во оддалечена област во околината на градот Џезказан во Казахстан. Двајцата американски и рускиот космонаут денеска се вратија на Земјата по завршувањето на шестмесечната мисија во Меѓународната вселенска станица.
 

Крокодил, заглавен во гума и друг отпад, што остана по големиот земјотрес и цунамито што го погоди индонезискиот остров Сулавеси. Илјадници луѓе живеат во шатори и прифатни кампови во градот Палу што беше најсилно погоден земјотресот и цунамито.
 

Кој нема да стане за време на интонирањето на црногорската химна ќе плати казна од 300 до 2.000 евра, се предвидува во новиот закон за државни симболи кој денеска беше усвоен од црногорската влада. Со законот исто така се воведува обврска до локалните самоуправи и јавните установи постојано да се вее државното знаме на објектите во кои се сместени.