Со авион од Скопје до Атина, штрајк на Рајанер, Ердоган во Германија

По повеќе од десет години пауза, од 1 ноември Скопје и Атина авионски ќе се поврзат со летови секој вторник и четврток преку грчката авиокомпанија „Aegean Airlines“. Двата главни града ќе ги поврзе авион на „Olympic air“, подружницата на „Aegean airlines“, а летовите ќе бидат со авион „Q400“ со капацитет од 78 патници. Од 2003 година, неколку години постоеше директно авионско поврзување меѓу Скопје и Атина, со редовна линија, пет пати седмично, што беше прекинато.
 

На барање на одбраната за 29 октомври е одложено судењето за смртта на малата Тамара Димовска од Велес, во случајот во кој обвинети се 12 лица за несовесно работење во службата. Судијата Марин Станевски денеска го одложи судењето поради непреведени докази на Обвинителството и наложи истите да бидат комплетирани за следното судење кога треба да почне главната расправа. Тамара Димовска почина во 2015 година чекајќи операција на рбетот во странство.
 

Германската канцеларка Ангела Меркел побара од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ослободување на 35 германски државјани, кои беа уапсени по неуспешниот воен удар во 2016 година, од турските затвори. Таа ова го изјави по средбата со Ердоган во Берлин.
 

Ирската нискобуџетна компанија Рајанер денеска откажа 250 летови поради штрајк на вработените во неколку европски земји. Управата на компанијата вели дека поголемиот дел од вработените не штрајкуваат и оти се откажани само 250 од 2400 летови. Синдикатот на вработените бара подобри услови за работа и договори за работа во согласност со законите на земјата во која живеат, а не според ирските закони, како што се повеќето вработени.
 

Кампањата за парламентарните избори во Авганистан започна денеска и покрај бранот насилства низ земјата и наводите за измами. Повеќе од 2.500 луѓе, вклучително 418 жени, се борат за 249 места во Долниот дом на авганистанскиот Парламент. Банери и постери од кандидатите можат да се забележат низ главниот град Кабул и во други градови во земјата. Предвидено е кампањата да заврши на 18 октомври. Изборите се закажани за 20 октомври.
 

Словачкиот државен обвинител обвини тројца осомничени за убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница во февруари, соопшти денеска портпаролот на обвинителството. Тројцата осомничени беа уапсени при рација во куќа на 27 септември. Петмина други уапсени во истата рација беа ослободени. Јан Куцијак беше најден убиен заедно со неговата свршеница Мартина Куснирова во нивниот дом во близина на главниот град Братислава. Двајцата имаа по 27 години.
 

Иранки извикуваат слогани и носат транспаренти на антиамериканските демонстрации по петочната молитва во Техеран.
 

Украинци шетаат покрај скулптурата „Средниот пат“ на романскиот уметник Богдан Рата во центарот на Киев. Скулптурата е привремено поставена како дел од проектот „Подвижни споменици“ во организација на Романската амбасада во Украина, која треба да го симболизира пријателството и комуникацијата.