Иванов и Заев на различни страни за референдумот, Ердоган пристигна во Германија

Поддржувач на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вее комбинирано германско и турско знаме во близина на хотелот Адлон во Берлин во пресрет на пристигнувањето на Ердоган во посета на Германија. Пред поаѓањето во Германија, тој изјави дека по неколкугодишните тензии сака „да сврти нова страница“ во билатералните односи. Вечерва тој присуствува на вечера организирана од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, но поголем број германски политичари, меѓу кои и канцеларката Ангела Меркел, ја одбија поканата за вечера во чест на турскиот претседател.

Претседателот Ѓорге Иванов своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации го посвети на објаснување на штетноста на Договорот за името со Грција и ги повика земјите членки кои веќе ја признале Македонија под уставно име да не ја менуваат својата одлука. Претседателот вели дека со Договорот се прекршува правото на самоопределување. Тој уште еднаш повтори дека на 30 септември нема да гласа на референдумот, а од граѓаните побара, како што рече, да донесат правилна одлука.

Премиерот Зоран Заев во завршното обраќање пред почетокот на молкот пред референдумот за Договорот со Грција, ги повика граѓаните да излезат на референдумот, зашто, како што рече, ова не е избор меѓу две партии, туку избор за иднината. Тој рече дека остварувањето на сонот за европска Македонија е блиску и дека на 30 септември „секој од нас“ треба да стави тула во изградбата на подобра Македонија која ќе стане членка на ЕУ и НАТО.

Поранешни пратеници од првиот парламентарен состав во независна Македонија денеска на прес конференција во Собранието ги повикаа граѓаните без разлика на партиската припадност да гласаат „за“ на референдумот в недела.

Денеска формално започна објаснувачкиот скрининг за Македонија и Албанија, како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија. Вицепремиерот за евроинтеграции и Бујар Османи, министерката за правда Рената Дескоска и посебниот советник на премиерот Зоран Заев за евроатлантски интеграции, Бојан Маричиќ, ја предводат владино-државната делегација, составена од 40 експерти, на која Европската комисија ќе ѝ го презентира Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права.

Претседателот на УЕФА Александер Чеферин соопштува дека Германија ќе биде домаќин на Европското фудбалско првенство во 2024 година во седиштето на организацијата во швајцарскиот град Нион. Турција беше вториот кандидат за организирање на Европското, но како и во 2008, 2012 и 2016 година ја загуби трката. Германија беше домаќин на Светското фудбалско првенство во 2006 година, а претходно, како Западна Германија, има организирано Европско во 1988 и Светско првенство во 1974 година. Наредното Евопско првенство во 2020 година ќе се одржи во 12 градови во 12 различни држави.

Кристин Блејзи Форд се подготвува да сведочи пред американскиот Сенатски комитет за правда во Вашингтон. Таа го обвинува Брет Кавано, кој е номиниран за судија на Врховниот суд на САД, дека сексуално ја нападнал пред повеќе од 30 години, кога биле тинејџери. Тој ги негира обвинувањата.

Настаните на денот низ фотографии - 27 септември 2018 година.