Македонија го почнува скрининг процесот за преговорите со ЕУ

Македонија денеска го започнува скрининг процесот за пристапување во Европската унија. Во Европската комисија во Брисел денеска заминува 40 члена делегација составена од претставници на повеќе министерства и институции, предводена од вицепремиерот Бујар Османи, која ќе го започне скринингот за поглавјето 23 - правосудство и фундаментални права. Во делегацијата ќе биде и министерката за правда Рената Дескоска. Вицепремиерот Османи во неделата на прес-конференција рече дека почетокот на т.н. објаснувачки скрининг е пресвртната точка со која Македонија и формално го почнува последниот дел од патот кон ЕУ.Отворањето на првото од 33 поглавја од првата фаза значи дека ќе има 33 посети на Брисел или над 1.000 луѓе кои ќе земат учество во овој објаснувачки скрининг. Потоа ќе се подготвува втората фаза или т.н билатерален скрининг што ќе биде уште покомплексен и пообемен. Процесот се очекува да заврши до јуни 2019 година по што треба да започнат и преговорите за членство во ЕУ.