Курти - Мора да се запре опасната авантура на Тачи со границите

Лидерот на косовското опозициско Движење Самоопределување (ВВ) Албин Курти

Лидерот на опозициското Движење Самоопределување (ВВ) Албин Курти ја нарече „лична авантура“ на косовскиот претседател Хашим Тачи неговата идеја за корекција на границата со Србија и порача дека таа мора да се запре што е можно поскоро, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти на конференција со претседателите на ограноците на неговата партија нагласи дека не смее да се дозволи таа опасна игра на Тачи да продолжи.

Лидерот на втората најголема опозициска партија во косовското Собрание побара тим за преговори со Србија да се формира единствено откако соседната држава ќе понесе одговорност за убиствата, исчезнатите, силувањата и грабежите во последната војна.

Курти минатата недела ги повика граѓаните на Косово, политичките партии и граѓанските организации на протест што, во организација на неговата партија, ќе се одржи на 29 септември во Приштина. Целта на протестот, како што рече лидерот на ВВ, е „да се запре пазарењето со границите на Косово“, државата „да се одбрани од Тачи“ и народот на Косово да покаже дека „не се потчинува на еден човек“.