Буш до Македонците: учествувајте во историската одлука

Претседателот на САД Џорџ Буш - 2008 на самитот на НАТО во Букурешт

Договорот од Преспа е храбар и фер компромис што ќе ја стави Македонија на патот кон ЕУ и НАТО и ќе и осигура светла иднина. Ги повикувам сите граѓани на Македонија да гласаат на референдумот и да учествуваат во носењето на оваа историска одлука, им порачува поранешниот претседател на САД во обраќањето до граѓаните на Република Македонија.

Во писмо до македонскиот народ, што го објави Атлантскиот совет во Вашингтон, Буш пишува дека уште од првиот ден на македонската независност Соединетите Американски Држави се постојан пријател на земјата и граѓаните.

"Американскиот народ се восхитуваше на вашето мирољубиво издигнувње од пепелта на Југославија. Ја почитуваме вашата храброст да се придржувате до демократските вредности и слободните институции. И го поддржуваме вашиот стремеж за остварување на напредок и безбедност во Европа, која е цела, слободна и живее во мир", вели Буш.

Тој нагласува дека како претседател на САД имал чест да го поддржи претседателот Трајковски во 2001, кога тој ја оттргнал Македонија од работ на граѓанската војна во правец на општество дефинирано со мултиетничко разбирање и владеење на правото.

„И бев горд кога Соединетите Држави ја признаа Република Македонија под нејзиното уставно име во 2004“, вели Буш.

Истакнува дека договорот од Преспа, сега пред неговата ратификација, е храбар и фер компромис, кој ќе ја стави Македонија на патот кон влез во Европската унија и НАТО, и што ќе осигура светла иднина, која претседателот Трајковски ја имал замислено.