Блок и Тачи во Скопје, И Црвенковски за референдумот, Русија ги нашла осомничените за новичок, Трамп спрема нови санкции...

МАКЕДОНИЈА - Во телефонски разговор за Радио Слободна Европа Мицкоски не одговори на нашето прашање - Дали тој лично на 30 септември ќе излезе и ќе гласа на референдумот, велејќи дека е несериозно за вакви прашања да се разговара по телефон.

МАКЕДОНИЈА - Косовскиот претседател Хашим Тачи, за време на заедничка прес -конференција со премиерот Зоран Заев, ги повика граѓаните да излезат да гласаат на референдумот. Тој порача дека тие треба да заокружат ЗА и да го искористат историскиот момент за земјата со цел стабилност и мир на регионот.

МАКЕДОНИЈА - Референдумот е дел од демократскиот процес и останува на вашите граѓани да го донесат единственото решение за земјата, изјави министерот за надворешни работи на Холандија, Стеф Блок, по средбата со неговиот македонски колега Никола Димитров.

МАКЕДОНИЈА - На 30-ти септември ќе излезам на референдумското изјаснување и ќе гласам ЗА, вели во пишана изјава поранешниот претседател на Македонија Бранко Црвенковски. Тој наведува дека ќе гласа ЗА,не затоа што смета дека Преспанскиот договор е голема победа и успех, туку затоа што смета дека е нужност од која во даденава ситуација нема бегање.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија ги идентификувала двете лица кои Британија ги осомничи за труењето на поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка со нервниот гас новичок, тврдејќи дека тие се цивили.

БЕЛГИЈА - Мораме да го дефинираме на неотповиклив начин нашиот однос кон зачленувањето на земјите од Западен Балкан, во спротивно други ќе го обликуваат нашето непосредно соседство, изјави претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер во своето годишно обраќање пред Европскиот парламент за Состојбата на ЕУ.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп планира да нареди нови санкции врз странски компании или индивидуалци кои биле инволвирани во мешањето на изборите во Соединетите држави, јави новинската агенција Ројтерс.