Заев до Мицкоски: прво став за референдумот, потоа ТВ дуел

Премиерот Зоран Заев.

Подготвен сум да прифатам дебата со господинот Мицкоски кога тој јасно и јавно ќе каже дека е против бојкотирањето, изјави премиерот Зоран Заев во однос на вчерашното барање за соочување во ТВ дуел од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Хистијан Мицкоски.

„Штом тоа ќе го каже, веднаш ќе ја прифатиме дебатата. Ваквите ставови дефинитивно ја ставаат во заблуда иднината на Македонија“, изјави Заев одговорајќи на новинарско прашање на зедничката прес-конференција во Владата со косовскиот претседател Хашим Тачи.

Заев додаде дека „иднината на Македонија заслужува секогаш да се разговара за тоа прашање и од тој аспект бојкотирањето на иднината на Македонија не претставува никаков основ да се седне да се разговара“, рече Заев.

Мицкоски на прес-конференција вчера вечер го повика премиерот Заев во телевизиско соочување да дискутираат за Договорот за името со Грција и за други теми.

Мицкоски синоќа рече дека оваа ВМРо-ДПМНЕ не го прифаќа Договорот од Преспа, но оти смета дека секој граѓанин на претстојниот референдум треба да постапи по сопствено убедување.