Инциденти во Солун до доцна во ноќта

Архивска фотографија- Помал дел од демонстрантите во Солун против Договорот од Преспа се судрија со полицијата,08.09.2018

До доцна синоќа траеја инцидентите во центарот на Солун по протестот против Договорот од Преспа. Според локалните медиуми, над 20 лица се приведени, најмалку две се повредени, неколку лица се пожалиле на проблеми со дишењето поради солзавецот за време на инцидентите, а предизвикана е и материјална штета на продавници и објекти во центарот на градот. Маскирани лица палеа канти за отпадоци и фрлаа молотови коктели, камења, дрва по полицајците, кои одговорија со солзавец и шок бомби.

Според грчките медиуми, инцидентите ги предизвикале група радикални десничари кои се вмешале со они кои протестираа против Договорот од Преспа. Судирот меѓу демонстрантите и полицијата започна кусо пред 20 часот по локално време, а со прекини траеше до доцна во ноќта.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчките новинари коментираа дека демонстрантите не биле воопшто пријателски кон новинарските екипи, а на неколку пати се обиделе да нападнат претставници на медиумите.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, непознато лице, учесник во протестите, на еден фоторепортер му се заканил со оружје. Сведок на инцидентот бил фоторепортерот на АНА-МПА, а според неговата изјава, додека траеле инцидентите еден демонстрант се обидел да ја грабне камерата на една снимателка.