Нови моменти во случајот Тенк, Нема ребаланс на буџетот, Двајца осомничени за труењето на Скрипал...

МАКЕДОНИЈА - По првостепената пресуда за предметот на СЈО Тенк поднесени се шест жалби, четири од адвокатите на поранешниот премер Никола Груевски, една лично од Груевски и една од поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски. Поранешниот премиер бара укинување на пресудата за Тенк поради, како што вели, застареност на делото.

МАКЕДОНИЈА - Специјалистите ќе добиваат од 52.000-53.000 илјади денари плата со зголемувањето на основицата за пресметување на плата од пет проценти, заедно со дежурствата, изјави премиерот Зоран Заев на потпишувањето на спогодбата за утврдување на најниска плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност од страна на министерот за здравство Венко Филипче.

МАКЕДОНИЈА - Посетата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, која се случува втор пат во помалку од осум месеци, е пример и доказ дека нашата земја може да стане члена на Алијансата, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска при посетата на припадниците на Воздухопловната бригата на АРМ. Таа додаде дека на 30 септември граѓаните на Македонија имаат шанса со својот глас да обезбедат да станеме 30 членка на НАТО.

МАКЕДОНИЈА - Сите макроекономски индикатори се одлични и се позитивни и се движат во позитивна насока, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски одговорајќи на новинарски прашања по потпишување на договори со општините во рамки на проект со Светска банка.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британските обвинители именуваа две лица за кои веруваат дека во март го отруле поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија со нервен гас и објавија фотографии од осомничените. Во соопштението на Кралската обвинителска служба (КПС) се наведува дека е во интерес на јавноста е да бидат обвинети Русите Александар Петров и Руслан Боширов за злосторства кои вклучуваат обид за убиство и употреба на хемиско оружје.

СИРИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека нападот врз сириската провинција Идлиб може да предизвика масакр, откако владините сили подготвуваат голема офанзива против последниот регион под контрола на бунтовниците.

ТУРЦИЈА - Падот на вредноста на турската валута предизвика загриженост во земјите на Западен Балкан за инвестициите на Турција во регионот. Аналитичарите велат дека финансиските превирања во Турција можат да ги забават идните турски инвестиции во Србија, Босна, Македонија, Албанија и Косово, каде што Анкара се залага да има влијание, како економско, така и политичко, заедно со Европската унија, Кина и Русија.