Доаѓа Меркел, Си замина Шчербак, Се урна Ми-8, Дали Брегзит е опасен за Британија...

МАКЕДОНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел в сабота ќе допатува во Скопје, потврдија за РСЕ од Владата. Инаку, премиерот Зоран Заев на новинарско прашање при посетата на Радишани изјави дека се надева оти посетата ќе биде на 8 септември, но дека конечната потврда за посетата, според протоколот, треба да ја соопшти Германија.

МАКЕДОНИЈА - Почна новата школска година. За прв пат во училишните клупи седнаа над 20 илјади основци, додека во прва година во средно училиште се запишани над 16 илјади ученици.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Никола Димитров имаше проштална средба со амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Олег Николаевич Шчербак, кој ја заврши својата дипломатска мисија во Скопје, соопшти МНР.

УКРАИНА - Украина започна заеднички воени вежби во западниот дел на земјата заедно со 10 земји членки на НАТО, во услови на тензии со Русија поради анексијата на Полуостровот Крим и тековниот конфликт во источна Украина меѓу владините сили и сепаратистите поддржани од Русија.

ГРЦИЈА - Против Договорот од Преспа в сабота ќе се одржи протест во Солун за време на отворањето на Меѓународниот саем, кој го организираат грчките организации од дијаспората и Комисијата за борба за Македонија.

КОСОВО - Претседателот на Косово Хашим Тачи, обраќајќи им се на амбасадорите на земјите на Европската Унија, САД и на шефовите на мисиите на КФОР, ОЕБС и Еулекс, рече дека сега е време за голем историски договор меѓу Косово и Србија, соопшти неговиот кабинет.

БУРМА - Судија во Бурма прогласи за виновни двајца новинари на Ројтерс за прекршување на законот за државни тајни и ги осуди на седум години затвор, пресуда која доведе до меѓународна осуда како напад врз слободата на медиумите.

РУСИЈА - Руската Влада соопшти дека тројца руски членови на екипажот загинале во хеликоптерска несреќа во Сибир. Министерството за вонредни состојби во Сибир соопшти дека телата на тројцата членови на екипажот биле пронајдени на местото на уривањето на хеликоптерот Ми-8, во областа на регионот Иркутск.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Излегувањето на Британија од Европската унија би можело да ја зголеми поддршката за независна Шкотска и за обединета Ирска, се наведува во најновата анкета, објавена од проевропската група Best for Britain.

СРБИЈА - Сојузот за Србија, политички блок кој обединува 10 опозициски политички партии и движења, формално е основан во Белград, со потпишување договор и усвојување на програма од 30 точки.