Бошкоски во „Тортура“: „Алфите ме легнаа на земја и ме газеа“

Архива: Сашо Мијалков пред Суд - прво обвинетиот во предметот на СЈО „Тортура.“

Судското рочиште за предметот на СЈО „Тортура“, по паузата, продолжи со вкрстено испрашување на оштетениот Љубе Бошкоски од страна на адвокатите и обвинетите. Адвокатот на одбраната Љупчо Шврговски го праша Бошкоски дали како поранешен министер за внатрешни работи ја има прочитано уредбата за апсење на осомничени за кривично дело.

Бошкоски на тоа одговори со контрапрашање, дали Шврговски како поранешен државен јавен обвинител ја знаел наредбата за апсење, при што побара од Судот да му поставуваат нормални прашања. Пред почетокот на вкрстеното испрашување, Шврговски од судот побара на следното судење Бошкоски да биде и директно испрашан, на што се спротивставија обвинителите и неговиот адвокат. Судијката Александра Ристеска рече дека во овој момент нема да одлучи по барањето и го продолжи рочиштето со вкрстено испитување.

Бошкоски при денешното сведочење за случајот „Тортура“, рече дека при неговото апсење на 6 јуни 2011 година кај ресторанот Воденица, обвинетите полицајците од единицата „Алфи“ го легнале на земја, го газеле и го гмечеле со колена, му упатувале погрдни зборови и му кажале дека ова му е поздрав од шефот и оти не му бегаат 7-8 години затвор. Исто така Бошкоски рече дека полицајците го притискале со пиштол во десниот образ. Тој при апсењето рекол „знам дека ме намести твојот шеф Саша, а некој рече да не се спомнува името Саша, туку шеф, издигнувајќи го како библиска личност“, рече Бошкоски.

„Мене ми е многу жал што се случи таков настан, настан што сакам да го избришам од мојата меморија, но еве со денешново судење ми се враќа како нова епизода од мојот живот“, рече Бошкоски кој оцени дека апсењето било политички реваншизам што произлегол од неговите јавни настапи по напуштањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Во предметот на СЈО „Тортура“ обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот командант на единицата „Алфи“ Ивица Антевски и петмина припадници на единицата, за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски. Според обвинението, прво обвинетиот Сашо Мијалков ги навел останатите обвинети при апсењето на Бошкоски во 2011 година душевно да страда поради политичка одмазда за упатени пораки на изборна кампања.

Бошкоски по завршувањето на денешното рочиште рече дека верува оти во Македонија конечно ќе се врати изгубената правна држава, дека верува во судот и оти очекува постапките да бидат обновени за неправедно осудените.