Тројно убиство во Дебар, Путин праќа нова флота кон Сирија, На грчките острови не сакаат мигранти...

МАКЕДОНИЈА - Во Дебар смртно биле застрелани маж, неговата сопруга и нивната малолетна ќерка. Полициската станица од општа надлежност во Дебар за настанот добила дојава од граѓанин, по што била известена Општата болница. Екипа на итната медицинска помош веднаш пристигнала, но за жал лекарот само констатирал смрт. 

МАКЕДОНИЈА - Судскиот процес за насилствата во Собранието на 27 април минатата година, ќе продолжи на 31 август со сослушување на сведоци предложени од обвинителството, откако обвинетите, кои се теретат за терористичко загрозување на уставниот поредок, рекоа дека го разбираат обвинението, но оти не се чувствуваат виновни.

БЕЛГИЈА - Еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, изјави дека Брисел би требало да го прифати договорот меѓу Србите и Албанците со кој би се решил долгогодишниот проблем со Косово, објави Еуроактив, а пренесоа регионалните новински агенции. Во анализата Еуроактив се наведува дека намерата на комесарот Хан е со таа изјава да отфрли стравувања дека какво било менување на граници на Балканот може да покрене нови проблеми во тој регион.

РУСИЈА - Во екот на се уште непотврдените информации дека Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Франција се подготвуваат за изведување на нов воен напад во Сирија, Кремљ нареди да се испрати дополнителна флота воени бродови кон сирискиот брег, објави Ројтерс.

УКРАИНА - Тројца украински војници биле убиени и шестмина други повредени во судири со сепаратистите поддржани од Русија во источниот дел на земјата, соопштија украинските власти.

САД - Три лица биле убиени, вклучувајќи го и напаѓачот, додека повеќе други биле повредени кога вооружен човек отворил оган во еден трговски центар во Џексонвил на Флорида за време на турнир на видео игри. Полицијата соопшти дека напаѓачот бил 24 годишниот Дејвид Кац од Балтимор.

СИРИЈА - Министрите за одбрана на Сирија и Иран потпишаа договор за воена соработка во земјата која е разурната од војна, јавија иранските медиуми.

ГРЦИЈА - Локалните власти на грчките острови Лезбос, Хиос и Самос уште еднаш ја повикаа централната влада да ги пресели бегалците од нивните острови. Тие велат дека состојбата со бегалците станува се потешка.