Се враќаат случаите на СЈО, Белата куќа лута на Ердоган, 330 весници во одбрана од нападите на Трамп...

МАКЕДОНИЈА - Титаник, ТНТ и Тврдина - Таргет се враќаат во суд по одморите. Дел од случаите што ги покрена СЈО веќе добија судска разрешница, а со тоа се враќа довербата во судството, коментираат експерти.

САД - Соединетите држави го критикуваа потегот на парламентот на Република Српска за поништување на извештајот во кој се наведува дека силите на Босанските Срби убиле илјадници муслимани во Сребреница. Во соопштението на Стејт департментот се наведува дека извештајот што Република Српска го усвои во 2004 година за геноцидот во Сребреница беше важен чекор за помирување во земјата.

УКРАИНА - Украинските обвинители во судење за предавство против поранешниот претседател Виктор Јанукович побараа од судот во Киев затворска казна од 15 години за поранешниот проруски лидер.

ГРЦИЈА - Грчката крајбрежна стража спаси 36 бегалци и мигранти во близина на островот Сапијенца, крај Пелопонез, откако биле пронајдени во чамец во морето јужно од Сапијенца.

АВГАНИСТАН - Вооружени лица извршија напад врз авганистанскиот тренинг центар за разузнавање во Кабул, велат официјални претставници. Полицискиот службеник Абдул Рахман изјави дека напаѓачите биле затворени во зграда во близина на комплекс набљудуван од Директоратот за национална безбедност во западна населба на авганистанскиот главен град.

РУСИЈА / СИРИЈА - Руското Министерство за одбрана соопшти дека таа земја учествувала во напорите за враќање на сириските бегалци и за обнова на инфраструктурата во таа земја уништена од долгогодишната граѓанска војна. 

ТУРЦИЈА / САД - Белата куќа го оцени како разочарувачко зголемувањето на турските царини за америкнаска стока, воведени како одговор на барањето за итно пуштање на слобода на американскиот пастор Ендрју Брансон. Меѓу производите со дополнителни царини се автомобили, алкохол и јаглен, а турската влада наведе дека царините за американски автомобили ќе бидат зголемени за 120 насто, а на алкохолот за 140 проценти.

САД - Повеќе од 330 американски весници објавија уреднички текстови во одбрана на слободата на печатот, како одговор на нападите на претседателот Доналд Трамп и како што тој ги нарекува лажните вести и неговите сугестии дека новинарите се непријатели на американскиот народ.