Понуда за сојузниците, Соработката со Бугарија изгласана, Крвав биланс од Италија и Авганистан...

МАКЕДОНИЈА - Македонија не очекува само да стане земја членка на НАТО и да ги користи придобивките на членството, туку таа е држава која има што да им понуди на сојузниците, а воениот полигон Криволак е типичен пример за тоа, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, за време на посета на обука на американските копнени сили на САД на Криволак, кои од 1 до 20 август одржуваат вежби.

МАКЕДОНИЈА - Почната постапка за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, како и инсулински пумпи со потрошен материјал за периодот од септември 2018 до септември 2020 година, соопшти Министерството за здравство.

МАКЕДОНИЈА - На парк шумата Водно ѝ се заканува уништување од изградбата на гасовод низ значајни подрачја богати со биодиверзитет, велат од граѓанската организација Еко-свест, наведувајќи дека испратиле дописи до меѓународни институции и банки за да алармираат за проблемите од изградбата на гасоводот низ Водно.

БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Бугарската Влада одобри нацрт Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Бугарија и Министерството за култура на Република Македонија за периодот 2018-2021 година, соопшти бугарската владина прес-служба.

ИТАЛИЈА - Италијанските спасувачки екипи соопштија дека најмалку 30 луѓе го загубија животот кога се урна дел од надвозникот во Џенова. Повеќето од жртвите биле во возилата кои паднале од надвозникот. Шефот на цивилната заштита Анџело Борели изјави дека околу 35 автомобили и три камиони биле на надвозникот кога тој се урнал. Некои сведоци изјавија дека тоа се случило поради удар на гром.

САД - Пол Манафорт, поранешен шеф на изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп одби да сведочи во негова обрана на судењето за затајување данок и банкарски манипулации. Со оваквата одлука се отвора патот денеска да бидат претставени завршните аргументи во првото судење покренато од специјалниот советник Роберт Мулер кој ги истражува наводните врски меѓу Русија и изборниот штаб на Трамп.

АВГАНИСТАН - Во талибански напади на неколку воени објекти во северната авганистанска провинција Бахлан, убиени се најмалку 30 војници и полицајци, велат официјални претставници од провинцијата.

УКРАИНА - Украинските власти соопштија дека еден нивни војник е убиен и тројца се повредени во судири со сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина.

ГРЦИЈА - Двајца грчки војници се ослободени од затвор во Турција и се вратија во Грција со владин авион, јави грчката државна телевизија ЕРТ, наведувајќи дека авионот пристигнал во Солун каде биле пречекани од грчкиот министер за одбрана Панос Каменос.

ВЕНЕЦУЕЛА - Портпаролот на Обединетите нации Стефан Дижарик изјави дека скоро 2,3 милиони граѓани на Венецуела ја напуштиле таа земја, погодена со политичка и хуманитарна криза, поради недостиг на храна и лекови. Повеќето од нив заминале во други земји на Јужна Америка како Колумбија, Еквадор, Перу и Бразил.