17 години Рамковен, Иран не попушта, Ердоган оптимист за турската криза...

МАКЕДОНИЈА - Во рамки на одбележувањето на 17 години од потпишувањето на рамковниот договор, на панелот Патот до Брисел преку Охрид присуствуваа претставници на Владата, Собранието и дипломатски кор, кои истакнаа дека договорот е пример за решавање на конфликти во регионот и пошироко. Лидерот на ДУИ Али Ахмети и премиерот Зоран Заев ја истакнаа и важноста на Договорот од Преспа.

САД - Многу повеќе луѓе се собраа на контрапротестите од оние што во исто време пред Белата куќа во Вашингтон ги организираа крајнодесничарските организации. Полицијата затвори многу улици и распореди стотици нејзини припадници за да не дојде до контакт меѓу екстремистите кои ги имаше неколку десетици и илјадниците луѓе кои протестираа против нив. Екстремистите ја одбележуваа годишнината на протестот во Шарлотсвил, Вирџинија кој заврши со насилства при што загина една жена.

ИРАН - Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хаменеи изјави дека економските тешкотии во земјата повеќе се резултат на внатрешно лошо менаџирање отколку на притисокот на САД.

АЗЕРБЕЈЏАН - Лидерот на азербејџанската опозициска Републиканска алтернатива (РЕАЛ) е ослободен од затвор, откако отслужи повеќе од пет години од неговата седумгодишна казна.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги предупреди бизнисмените дека ќе преземе драстични мерки ако нивните компании ги повлечат странските валути од банките во екот на кризата во таа земја предизвикана од падот на турската лира. Претходно тој ги повика Турците да ги продадат доларите и еврата за да ја поддржат лирата.

ПАКИСТАН - Најмалку седум рудари загинаа и шест други се исчезнати и се стравува дека исто така се загинати во експлозија која се случи во рудник за јаглен во југозападната пакистанска провинција Балочистан, се вели во извештаите.