Скапароти на вежба во Скопје, Слаби антикорупциски оценки за Македонија, И САД со санкции за Русија поради Скрипал...

МАКЕДОНИЈА - На референдумот очекуваме граѓаните да го препознаат својот интерес, интересот на државата и идните генерации и да гласаат позитивно. Изборот е јасен, иднина или изолација, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска по средбата со командантот на НАТО силите во Европа, генерал Куртис Скапароти, кој изрази надеж дека земјата ќе стане 30 та членка на Алијансата.

МАКЕДОНИЈА - Во Избирачкиот список, кој е ставен на јавен увид за претстојниот рефрендум за името, се запишани вкупно 1.805.700 граѓани, а Државната изборна комисија најдоцна до 7 септември ќе го заклучи Избирачкиот список во кој ќе бидат извршени сите промени што произлегле од увидот, при што се очекува бројката на гласачи да се промени, изјави портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска.

МАКЕДОНИЈА - Македонија нема опиплив напредок во борбата против корупцијата, оценува телото за борба против корупцијата на Советот на Европа - ГРЕКО - во својот најнов извештај.

МАКЕДОНИЈА - Идејата за бојкот на референдумот е исто така евтин потег, бидејќи нема за цел да ја провери поддршката кај населението, туку само да го саботира договорот, изјави д-р Флоријан Бибер, експерт за Балканот и професор на Универзитетот Грац.

МАКЕДОНИЈА - Агенцијата за храна и ветеринарство во следниот период ќе спроведе засилени контроли за Генетски модифицирани организми (ГМО) во храната, најави директорот на АХВ Зоран Атанасов.

САД - Американското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе воведе санкции против Русија, бидејќи ја сметаат за одговорна за труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Британија.

БЕЛОРУСИЈА - Локалениот дописник на германскиот меѓународен радиодифузер Дојче веле Павлук Биковски, е уапсен во Белорусија поради сомненија за нелегално добивање информација од државната новинска агенција БелТА. Истражниот комитет во соопштение наведе дека заедно со Биковски истиот ден е уапсен уште еден новинар, Алексеј Жукау, исто така за случајот БелТА.

ПАЛЕСТИНА / ИЗРАЕЛ - Три лица загинаа во последниот бран на израелски воздушни напади кои беа извршени врз десетици цели во Газа, додека палестинските милитанти истрелале голем број ракети во Израел.