Мијалков без обезбедување, Медведев се закани со ужасен конфликт, Турција сака во вселената...

МАКЕДОНИЈА - На поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање - УБК, Сашо Мијалков му е укинато полициското обезбедување. Полициски извори за МИА потврдија дека одлуката била донесена пред празникот, поради проценка дека повеќе не постојат безбедносни ризици. По поднесувањето на оставката во мај 2015 година, за обезбедувањето на Мијалков се грижеа шест телохранители, а на располагање имаше и два автомобила.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за внатрешни работи и надлежните институции на Македонија во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили, приведоа седум македонски државјани за кои постојат основани сомненија дека како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и Ирак.

САД / ИРАН - Американскиот претседател Доналд Трамп, кој со извршна наредба повторно воведе санкции кон Иран, на Твитер напиша дека мерките значат дека секој што прави бизнис со Иран, нема да прави бизнис со САД.

ИРАН - Иранскиот претседател Хасан Рохани ги обвини САД дека водат психолошка војна против неговата земја. Во интервју дадено неколку часа по повторното воведување на американските санкции врз Иран тој го отфрли повикот на Вашингтон на преговори.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британија се подготвува да побара од Русија да екстрадира две лица осомничени дека го извршиле нападот со нервен гас во Салсбери врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал, објави британскиот весник Гардијан.

РУСИЈА / ГРУЗИЈА - Фотографија од војната Русија - Грузија објавена на 10-годишнината од конфликтот. Рускиот премиер Дмитриј Медведев на 10-годишнината од руско-грузиската војна, изјави строго предупредување до НАТО дека приклучувањето на Грузија во алијансата може да доведе до нов ужасен конфликт.

КОСОВО / СРБИЈА - Евентуална промена на границите на Косово би ја отворила Пандорината кутија на Западен Балкан, но и во други држави во светот, изјави професорот на Универзитетот Џон Хопкинс, Даниел Сервер.

СЛОВЕНИЈА - Словенечкото Специјално јавно обвинителство покрена обвиненија против 15 лица и една фармацевтска компанија поради поврзаност со корупциски скандал во здравствениот систем на Словенија. Меѓу обвинетите за овој случај, кој словенечките медиуми го оценуваат како најголем корупциски скандал во Словенија, се осум познати лекари, членови на нивните семејства и претставници на фармацевтската компанија. Според Обвинителството, најмалку петмина од осомничените примиле големо количество пари како мито, а поединци и суми поголеми од 100.000 евра.

ТУРЦИЈА - Турција планира до крајот на годината да формира сопствена вселенска агенција, соопшти министерот за индустрија и технологијата Мустафа Варанк, наведувајќи дека вселенската агенција ќе ја координира и контролира работата во сферата на аеронаутиката, земајќи ги предвид турските национални интереси.

САД - Преминувањето кон зелена економија е поитно потребно од кога и да е претходно, бидејќи загадувањето од фосилните горива се заканува да ја прегрее планетата, предупредуваат научниците. Според нив, доколку поларните капи продолжат да се топат, шумите да се уништуваат, а емисијата на гасови да продолжи да достигнува рекорди, Земјата ќе дојде до точка на пукање. Тие велат дека тоа би се случило во следните неколку децении.