Тачи повторно избран за претседател на ДПА

Претседателот на ДПА Мендух Тачи.

Мендух Тачи на денешниот седми конгрес на Демократската партија на Албанците, кој се одржа во Тетово, беше реизбран за претседател.

Тој пред присутните истакна дека ДПА во периодов што следи ќе се залага да се имплементира Договорот за името со Грција кој, како што рече е основен услов за Македонија да се интензивира во евроатлантските интеграции.

Тој смета дека Албанците се уште ги немаат остварено основните права, пред сè во економска смисла, затоа што според него, одлуките во државата не се донесуваат консензуално, нема рамноправна распределба на буџетот, а општините се децентрализирани во политичка, а не во фискална смисла.

За време на седмиот конгрес го избра новото претседателство на партијата. Беа избрани нови пет потпретседатели. Имер Алиу беше избран за нов генерален секретар на партијата, а Илјаз Халими за претседател на Централно собрание.