Се зголемува бројот на жртви од самоубиствениот бомбашки напад во Авганистан

Работник чисти крв пред болницата во Гардез откако беа донесени жртвите од самоубиствениот напад

Бројот на жртви од двојниот самоубиствен бомбашки напад врз шиитска џамија во југоисточен Авганистан се искачи на 35, а има и 94 повредени. Овој број може и да се зголеми со оглед на тоа што 20 од повредените се во критична состојба. Шефот на полицијата во провинцијата Пактиа информира дека двајцата напаѓачи вчера го активирале експлозивот што го носеле во џамијата Хаваја Хасан во градот Гардез. Напаѓачите, кои биле маскирани со бурки, прво ги убиле чуварите на влезот во џамијата, а потоа почнале да пукаат кон верниците и ги активирале бомбите.

Засега никој не ја презеде одговорноста, но слични напади извршуваше Исламската држава. Оваа сунитска екстремистичка организација често ги напаѓа шиитите во Авганистан, кои ги нарекува „отпадници“.