Ѓуриќ - Србите на Косово нема да наседнуваат на провокации

Директорот на владината Канцеларија за Косово Марко Ѓуриќ.

По состанокот на Националниот совет за безбедност на Србија, директорот на владината Канцеларија за Косово Марко Ѓуриќ изјави дека Советот донел одредени заклучоци и дека претседателот Александар Вучиќ на надлежните служби за безбедност им дал одредени задачи.

На итната седница за Косово, Советот ја анализирал политичко-безбедоносната состојба, состојбата во цивилните и воените органи и служби за безбедност и во разузнавачките служби, како и политичко-безбедоносната состојба во регионот.

Ѓуриќ во изјавата по состанокот, рече дека од органите за безбедност се очекува засилено да дејствуваат и да ја вршат својата работа, „особено поради агентурното дејствување“, кое е дел од организираното сценарио во кое се вмешани и странски служби.

„Ова особено се однесува на спречувањето на агентурното дејствување на одделни политичари и свештеници, изјави Ѓуриќ.

Тој вели дека Србите во Косово ќе го послушаат советот на претседателот Александар Вучиќ и нема да наседнуваат на какви било провокации.

На состанокот во зградата на Претседателството на Србија учествуваа и премиерката Ана Брнабиќ, министрите за одбрана и внатрешни работи Александар Вулин и Небојша Стефановиќ, министерката за правда Нела Кубуровиќ, началникот на Генералштабот на армијата на Србија Љубиша Диковиќ, директорот на БИА Братислав Гашиќ, државниот јавен обвинител Загорка Доловац.

До новите тензии на релацијата Белград-Приштина дојде во пресрет на денешниот краен рок што Европската унија и го даде на Приштина за да подготви нацрт-статут на Заедницата на српските општини (ЗСО) врз основа на Бриселскиот договор.