Илинденски говори, Убиен Македонец во Авганистан, Тензии на линија Анкара - Вашингтон...

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието Талат Џафери во своите обраќања по повод прославата на Илинден порачаа дека граѓаните на референдумот за името треба да донесат одлука за иднината на Македонија и за нејзиното членство во ЕУ и НАТО. Претседателот Ѓорге Иванов пак истакна дека договорот за името е штетен и оти ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за негово прифаќање. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Заев и на Илинден лажел во врска со Договорот со Грција.

МАКЕДОНИЈА - Американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли и високиот дипломат од Стејт департментот, Метју Палмер, се сретнале со градоначалникот на Кавадарци и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, соопшти општинската прес-служба. На средба се разговарало за актуелната политичка состојба во државата и за напредокот на општината.

МАКЕДОНИЈА - Владејачката СДСМ го критикуваше националниот јавен сервис МТВ, дека со емисија и преносот од одбележувањето на Илинден емитувала програма преку која, како што рекоа, упатувала пораки спротивни на националните стратешки интереси на Република Македонија.

АВГАНИСТАН / МАКЕДОНИЈА - Авганистанската полиција соопшти дека македонски државјанин е киднапиран и убиен во главниот град на Авганистан, Кабул. Тој е убиен заедно со уште двајца странци кои работеле за меѓународна компанија за храна во Кабул. Според полицијата, покрај телата на убиените биле пронајдени нивните лични карти.

ФРАНЦИЈА - Сексуален однос со дете под 15 години ќе се смета за силување, е дел од законот кој францускиот парламент, без ниеден глас против, го усвои за да се санкционираат сексуалните односи со малолетниците и да се обезбедат казни за уличното малтретирање. Промената на законот почна откако француски суд осуди маж за силување девојче иако адвокатите на обвинетиот тврдеа дека сексуалниот однос бил договорен.

ГРЦИЈА - Грчката полиција уапсила уште еден пироман кој не е директно поврзан со катастрофалниот пожар од минатиот понеделник во Атика, но палел огнови следните неколку дена и во полиција признал дека сакал да пали огнови и да гледа како пожарникарите трчаат да ги изгаснат.

АЛБАНИЈА - Од 1 јануари 2019 година меѓу Косово и Албанија нема да има граница, изјави албанскиот министер за дијаспора, Пандели Мајко, и додаде дека албанскиот премиер Еди Рама веќе донел таква одлука.

ТУРЦИЈА - Турција им се закани на САД дека ќе возврати со иста мерка откако Вашингтон воведе санкции за турските министри за правда и за внатрешни работи поради случајот со американскиот свештеник Ендру Бренсон, кому во Турција му се суди за тероризам.