Иранските власти против предлогот на Трамп за разговори

Знамиња на САД и на Иран

Иранските власти ја критикуваа понудата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој изјави дека сака да се состане со својот ирански колега за да разговараат за начините за подобрување на врските меѓу двете земји. За иранските власти таквите разговори нема да имаат „никаква вредност“ и би биле „понижување“.

Претходно Трамп изјави дека е подготвен да се сретне со иранскиот претседател Хасан Рохани без какви било предуслови и во секое време.

Претседателот на иранскиот Стратешки совет за надворешни работи, Камал Карази, изјавил дека предлогот на Трамп нема вредност, со оглед на лошите искуства на Иран во преговорите со САД и кршењето на обврските од страна на американските власти, објави денеска полуофицијалната новинска агенција Фарс. Агенцијата го цитира и министерот за внатрешни работи Абдолеза Рахмани Фазли, кој вели дека не им веруваат на САД.

Советникот на Рохани, Хамид Обалеби, на Твитер напиша дека патот за разговори ќе се отвори со почитување на правата на иранската нација, со намалување на непријателствата и со враќање на нуклеарниот договор.

Иранската државна новинска агенција ИРНА го цитираше заменик-претседателот Али Мотахари, кој вели дека сега ќе немаше проблеми, ако САД не се повлечеше од нуклеарниот договор, а дека сегашните преговори би биле понижување.