Распишан референдумот, Фатен осомничениот за пожарите во Грција, Китаровиќ ја смирува Русија, Калифорнија гори...

МАКЕДОНИЈА - Со 68 гласови ЗА, без против и воздржани, Собранието донесе одлука на 30 септември 2018 година да се одржи референдум за Договорот за името со Грција, кој ќе биде консултативен.

МАКЕДОНИЈА - Референдумското прашање кое го предлага власта Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Р. Македонија и Р. Грција, е спротивно на законот, двосмислено и манипулативно, изјави генереалниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

МАКЕДОНИЈА - Новоизбраните членови на Државната изборна комисија (ДИК) дадоа свечени изјави пред претседателот на Собранието Талат Џафери. Најавија дека приоритет ќе биде успешно спроведување на референдумот.

МАКЕДОНИЈА - Втората годишна анализа, направена во периодот од 23 до 28 јули 2018 година, покажала дека 23 од вкупно 26 министри во македонската Влада активно користат Фејсбук, што е зголемување за тројца кои се активни на оваа мрежа.

МАКЕДОНИЈА - Трите главни чествувања на националниот празник Илинден, на втори август, и оваа година ќе бидат на Мечкин Камен, Во Пелинце и во Скопје. Делегацијата на Мечкин Камен ќе ја предводи претседателот Ѓорѓе Иванов, во Пелинце премиерот Зоран Заев, а во Скопје, собранискиот спикер Талат Џафери.

БЕЛГИЈА - Еврокомесарот Јоханес Хан, во интервју за Еуроактив Германија, вели дека е задоволен од стратегијата на ЕУ за Западен Балкан и дека најголем напредок во однос на претходната година забележала Македонија, но и дека останатите од регионот напредувале повеќе од претходно. Тој порача политичарите во Македонија да мислат на иднината на државата и да не ја уништуваат за дневни политики.

ХРВАТСКА - Сакам да им порачам на Русите: ширењето на НАТО на ниту еден начин не е насочено против Русија, ние Русија не ја доживуваме како противник, изјави хрватската претседателка Колинда Грабар - Китаровиќ во интервју за московски Комерсант. Таа нагласува дека евроинтеграцијата на сите земји од Југоисточна Европа е клучен фактор за мирот и безбедноста во регионот.

САД - Издавачот на весникот Њујорк Тајмс А. Г. Сулцбергер изјави дека на американскиот претседател Доналд Трамп на состонокот во Белата куќа му рекол дека неговиот говор против печатот не само што е раздорен, туку и опасен. Тој наведе дека на Трамп му ја пренел загриженоста поради тоа што ги етикетира новинарите како непријатели на народот и го предупредил дека таквиот запалив говор придонесува за зголемување на заканите спрема новинарите и оти тоа ќе доведе до насилство. Трамп често пати овој весник го нарекува Њујорк Тајмс кој пропаѓа.

ГРЦИЈА - Како главен осомничен за предизвикување на пожарите во источна Атика, во Грција, во кои загинаа 91, а 25 луѓе се водат како исчезнати, е уапсен 65-годишен маж, објави грчката телевизија Скај. Според телевизијата, повеќе луѓе сведочеле во Обвинителството дека тој човек може да биде потпалувачот на пожарот.

ЦРНА ГОРА - Две лица загинаа, а повеќемина се повредени во поморска несреќа што се случи во заливот Бока Которска, во близина на Луштице, при судир на моторна јахта и едрилица на кои имало 14 патници, соопштија локалните власти.

ТУРЦИЈА - Јавното обвинителство во Анкара нареди апсење на 19 лица, кои порано биле вработени во универзитетот Гази, поради наводни врски со движењето на Фетула Ѓулен, политичкиот противник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, објави АП.

ИНДОНЕЗИЈА - Околу 500 планинари се заглавени на активниот вулкан Ринџани во Индонезија, откако единствениот пристапен пат до вулканот бил затрупан при лизгање на земјиштето, предизвикано од силниот семјотрес шѕо го погоди индонезискиот остров Ломбок. Вулканот Ринџани е атрактивна планинарска дестинација за голем број планинари од светот.

САД - Шумските пожари во Калифорнија принудија околу 50.000 луѓе да избегаат од нивните домови. Властите соопштија и дека околу 12.000 пожарникари се борат со 17 големи пожари во таа американската сојузна држава. Калифорнија годинава се соочува со многу поголеми пожари отколку оние во истиот период лани. Во пожарите во областа Рединг на северот на Калифорнија страдале 5 лица, а уништени биле повеќе од 500 згради. Огнот до сега зафати површина од околу 350 квадратни километри.