Заев пред пратениците, По пожарите и поплави во Атина, Трамп и Јункер се договорија, Вучиќ вели Косово е изгубено...

МАКЕДОНИЈА - Следниот месец воениот полигон Криволак ќе биде домаќин на воена обука на припадници на Армијата на САД. Тренингот започнува на 1-ви август и вклучува 120 припадници на копнените сили на САД за Европа. Обуката е во рамки на билатералната соработка во одбраната меѓу Македонија и САД.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, рече дека во Охрид се стопирани сите мегаломански проекти закои Владата сметала дека треба да бидат стопирани, како и оние кои не се според критериумите на УНЕСКО. Премиерот рече и дека не е повлечена ниту една кривична пријава која неговата партија ја поднела против функционери на бившата власт, вклучувајќи ги тука и функционерите на ДУИ, а во одговорите на пратеничките прашања рече и дека во доделувањето на грантовите за иновации немало ништо незаконско, а тие сега, со повлекувањето на некои фирми кои имаат функционер во косопствеништво, внимаваат и на етичкиот кодекс.

ГРЦИЈА - Силен дожд предизвика поплави и сериозни проблеми во населби во северниот дел на Атина. Еден паркинг, со над 50 автомобили целосно се поплави, а по наредба на полицијата, неколку поплавени сообраќајници се целосно затворени за сообраќај. Поплавите во Атина доаѓаат по големите пожари во околината на грчката метропола во кои загинаа најмалку 82 луѓе, а стотици се повредени, исчезнати и раселени.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп ја одлага за идната година средбата со рускиот претседател Владимир Путин што беше предложена за наесен во Вашингтон. Советникот на Трамп за национална безбедност Џон Болтон како причина за одлагањето ја наведе истрагата на специјалниот обвинител Роберт Мулер за наводно руско мешање во американските избори.

РУСИЈА - Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека лично ги предупредил Русите на последиците од какво било мешање во американските избори. Тој додаде дека топката била во рускиот двор и оти претседателот Доналд Трамп бил сосема свесен на предизвиците што ги претставува Русија за САД и нивните сојузници и партнери. Тој додаде дека е подготвен со Конгресот да работи на нови санкции против Русија.

КИНА - Полицијата во Пекинг соопшти дека едно лице активирало мала, импровизирана експлозивна направа пред Американската амбасада во главниот град на Кина. Осомничениот за денешниот инцидент бил идентификуван само како 26-годишен маж со презиме Џијанг. Тој бил единствениот повреден во инцидентот.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Два борбени авиона тајфун биле активирани од Романија откако бил забележан руски воен авион како се движи кон воздушниот простор на НАТО, соопшти Кралската воздухопловна служба на Велика Британија. Кога полетале авионите на РАФ, рускиот авион не влегол во воздушниот простор на Алијансата, по што двата британски ловци продолжиле да патролираат уште некое време пред да се вратат во базата.

косово - Косово го поддржува територијалниот интегритет на Србија и не прифаќа промена на границите, изјави косовскиот претседател Хашим Тачи, по средбата со политичките претставници на Албанците од Прешевската Долина, а одговарајќи на нивното барање за поддршка на територијална автономија во рамките на Србија, со право за припојување кон Косово.

САД - Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави во Вашингтон дека со американскиот претседател Доналд Трамп се договорил двете страни да се воздржат од воведување дополнителни царини додека траат разговорите за трговијата.

ТУРЦИЈА - Tурските безбедносни сили денеска уапсија уште едно лице осомничено за вмешаност во убиството на рускиот амбасадор во Анкара, Андреј Карлов во декември 2016 година.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ, во изјава за хрватскиот неделник Глобус, вели дека сите Срби знаат оти Косово е изгубено, но дека тој ќе направи се што може за да го врати она што може да се врати.