Референдум и без ВМРО-ДПМНЕ, Истрага за говорот на омраза за настраданите во грчките пожари, Ердоган контра Трамп...

МАКЕДОНИЈА - На новинарско прашање дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се согласил со референдумското прашање што го предлага Зоран Заев во замена за амнестија, премиерот одговори дека за промена на членовите 353 и други членови во Кривичниот законик тие не сакале да разговараат на лидерските средби и нема да разговараат се додека тие промени допираат во кој било случај на Специјалното јавно обвинителство. Според Заев, секое преговарање за тие членови од законот е преговарање за амнестија. Сепак, ако што рече Заев, Мицкоски на последниот ден од лидерската средба се откажал од барањата за амнестија.

МАКЕДОНИЈА - Референдумот ќе се организира и без опозициската ВМРО-ДПМНЕ во случај со нив да не се постигне договор за што во тек се разговори на парламентарно ниво, изјави премиерот Зоран Заев, кој верува дека до 30 јули Собранието ќе донесе одлука за распишување на референдумот.

МАКЕДОНИЈА - Со посетата Делегација на НАТО предводена од директорот за европски и глобални прашања на Алијансата, Џејмс МекКи, Македонија ги почна претпристапните преговори за членство во НАТО, откако на Самитот во Брисел на 12 јули земјата и официјално доби покана за членство.

МАКЕДОНИЈА - По допрен глас, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет во врска со определени написи и коментари на социјалните мрежи, а со кои преку компјутерски систем во јавноста се шират расистички и ксенофобични материјали за настраданите во пожарите во Грција.

ГРЦИЈА - Додека Грците се справуваат со најкатастрофалниот пожар во нивната понова историја, Бугарија ги предупреди Грција и Турција дека би можеле да се соочат со поплави, бидејќи се очекува обилните дождови да условат излевање на реката Арда и Марица на територијата на тие две држави. Во пожарот загинаа најмалку 79 луѓе, стотици се повредени или исчезнати и илјадници исселени од своите изгорени домови.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека бил многу загрижен, бидејќи Русија ќе се обидела да се вмеша во ноемврските избори за Конгресот за да им помогне на демократите да победат.

ИРАН - Иранскиот претседател, Хасан Рохани, не гледа причина да возврати на заканите што на адреса на Иран стасуваат од американскиот претседател, Доналд Трамп. Тој рече дека нема причина да се одговара на празни закани. Трамп претходно му се закани на Техеран со несогледливи последици откако иранскиот претседател го предупреди неговиот американски колега да не си игра со опашката на лавот.

ЦРНА ГОРА / УНГАРИЈА - Унгарија ѝ донираше на Црна Гора бодликава жица за заштита на границата со Албанија од илегални имигранти, соопшти црногорскиот премиер Душко Марковиќ, по средбата со неговиот унгарски колега Виктор Орбан во Подгорица. Марковиќ рече дека се уште нема основа да ја користат донираната жица.

РУСИЈА / ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британецот затруен со новачок изјавил дека тој нашол шишенце со парфем во кое бил смртоносниот гас и и го дал на партнерката која го употребила. 45 годишниот Чарли Роули во текот на истрагата изјавил дека не може да се помири со смртта на неговата партнерка 44 годишната Даум Старгес, инаку мајка на три деца. Двајцата биле затруени во Емсбери, во близина на градот Салсбери каде што со истиот нервен гас беа затруени поранешниот руски шпион Скрипал и неговата ќерка. Фотографијата е дело на украинскиот карикатурист Олексиј Кустовски.

ИРАН - Спротивно на независноста на една држава е да ги прекине односите со свој сосед и стратешки партнер затоа што тоа го бара САД, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, нагласувајќи дека се противи на барањата на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на економските односи со Иран.

СРБИЈА - Во Србија, од почетокот на јуни, се регистрирани 41 случај на лица заболени од Западнонилска трска, од кои тројца починале, соопшти српскиот Институт за јавно здравје.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Банката за развој при Советот на Европа обезбеди милион евра неповратна помош за Босна и Херцеговина во обид да го реши проблемот со сместувањето на илегалните мигранти кои и натаму пристигнуваат во земјата.

ПАКИСТАН - Во експлозија на бомба пред гласачко место во градот Квета, за време на гласањето на парламентарните избори во Пакистан, загинаа над 30 луѓе, меѓу кои и деца, објави германската новинска агенција ДПА. Ранети се над 40 луѓе.