Денеска средба меѓу Трамп и Путин во Хелсинки

Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин се состануваат денеска во Хелсинки на нивниот прв официјален билатерален самит. Состанокот ќе почне со тет а тет средба меѓу двајцата претседатели на која ќе присуствуваат само преведувачи, а потоа разговорите ќе продолжат во проширен состав на работен ручек. Министрите за надворешни работи Мајк Помпео и Сергеј Лавров одвоено ќе разговараат пред состанокот на претседателите. Иако Трамп пред заминувањето на својата европска турнеја изјави дека очекува состанокот со Путин да биде најлесен од сите, самитот, како што пренесуваат агенциите, ќе биде исполнет со многу тешки теми, како конфликтите во Украина и Сирија, контролата на нуклеарното оружје и наводите за руско мешање во американските претседателски избори 2016 година. Трамп порано се состануваше со Путин на маргините на два меѓународни собира во минатата година, во Германија и Виетнам.