Поканата врачена Мицковски не ја признава, Самитот во знакот на Трамп, 72 доживотни казни во еден ден во Турција...

МАКЕДОНИЈА / БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го потпиша и му го предаде писмото на премиерот Зоран Заев во кое и официјално го информира за одлуката на Алијансата на Македонија да и се додели покана за членство. На заедничката прес-конференција во Брисел, Столтенберг изјави дека со таквата одлука НАТО покажало оти вратата за членство останува отворена. Претодно Заев најави пролава за поканата во 15 градови во Македонија, в сабота, со македонска музика.

МАКЕДОНИЈА - Нема ниту датум за преговори со ЕУ, ниту безусловна покана за НАТО. А нема затоа што имаме неспособна влада, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по поканата од НАТО за Македонија.

МАКЕДОНИЈА - Љупчо Стојановски, дедото на Тамара која почина чекајќи операција во странство, е осуден на седум години и шест месеци затворска казна за обид за убиство на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.

МАКЕДОНИЈА - На последното рочиште за случајот Траекторија беа преслушани 20-ина прислушувани разговори од т.н. бомби, по што следното рочиште беше закажано за четврти септември.

БЕЛГИЈА - Американскиот претседател Доналд Трамп во Брисел изјави дека американската посветеност на НАТО останува силна, дека не е потребно САД да ја напуштат Алијансата и дека очекува сојузниците да ги исполнат своите обврски кон Алијансата, односно да учествуваат во буџетот за одбрана со повеќе од два отсто од нивниот БДП.

РУСИЈА / ТУРЦИЈА / САД - Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу најави дека Турција до крајот на годинава очекува испорака на напредни руски противвиздушни системи Ц-400, по што реагираа САД и ѝ се заканија со санкции на Анкара, бидејќи Турција е членка на НАТО, а купува оружје од Русија, односно не набавува ориужје по стандардите на Алијансата.

ЕУ - Хрватскиот весник Вечерњи лист објави дека Европската комисија се подготвува на есен да предложи нов систем на донесување одлуки во врска со преговорите за членство во ЕУ, при што повеќе нема да биде потребна едногласна одлука на сите земји членки, туку само квалификувано мнозинство. За ова нема официјална потврда.

ТУРЦИЈА - Доживотна казна затвор добија 72 обвинети за ичество во судирите на босфорскиот мост во Истанбул, каде беа убиени 34 лица за време на обидот за државен удар пред две години.

ГЕРМАНИЈА / ШПАНИЈА - Судот во Шлезвиг, Германија, го прифати барањето за екстрадиција на поранешниот претседател на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон во Шпанија, врз основа на шпанското обвинение за злоупотреба на јавни средства. Пуџдемон е еден од најистакнатите поборници за каталонско отцепување од Шпанија.