Во полициска акција уапсен градоначалникот на Ново Село

Во полициска акција синоќа бил приведен градоначалникот на општина Ново Село, Боро Стојчев, информираше СВР Струмица.

Според соопштението, синоќа во близина на село Бадилен, од страна на полициски службеници, се запрени две моторни возила натоварени со картонски кутии со цигари.

„Во едното возило имало 29 кутии со по 50 штеки и една кутија со 49 штеки цигари, а било управувано од страна на Б.С. (54), со сопатник Ј.С. од село Ново Коњарево. Во другото возило управувано од Г.С. (24) со совозач С.В (26) од село Ново Коњарево, биле натоварени 35 штеки цигари и една кутија со 49 штеки цигари и една штека со девет кутии“, соопшти полицијата.

Приведен е и М.Т (52) од с.Самоилово, кој управувал моторцикл, а при обид за бегство на второто возило, од страна на полициски службеници биле испукани два предупредувачки куршуми, се додава во соопштението.

На местото на настанот е извршен увид од страна на СВР Струмица во присуство на Јавен обвинител, приведените се задржани во полицијата, а пронајдените кутии со цигари се одземени, информираше полицијата.