Лондон ќе ја удвои финансиската помош за Западен Балкан

Велика Британија ќе го зголеми речиси двојно финансирањето за државите од Западен Балкан до 80 милиони фунти (106,6 милиони долари) како и бројот на своите службеници во областа на безбедноста во регионот, во обид да се справи со локалниот организиран криминал, објавија западните новински агенции.

„Историјата покажува дека стабилен и безбеден Западнобалкански регион значи стабилна и безбедна Европа“, изјави британската премиерка Тереза Меј, пред почетокот на денешниот состанок во Лондон на високо ниво со учеството на шефови на влади од држави од Западен Балкан и дел од европските лидери.

Велика Британија со овие мерки покажува дека останува ангажирана за стабилноста на регионот без разлика што се водат преговори за Брегзит.