САД нема да загубат многу од новата трговска војна

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Опасностите од глобалната трговска војна, преценети

Роберт Скот, економист во Институтот за економска политика во Вашингтон смета дека „трговската војна“ со Кина и со американските сојузници е помала закана за американската економија отколку буџетската и даночната политика на администрацијата на Трамп.

Скот наведува дека американската економија е доволно голема за да може да ги издржи последиците од воведените мерки на Вашингтон во трговските односи со другите земји.

„Цената нема да биде толку голема колку што некои мислат. Станува збор за суштински тарифи од 10 до 25 проценти на можеби увоз од 50 до 100 милијарди долари. Тоа е мал дел од целокупната американска економија“, вели тој.

Портпаролот на кинеската влада изјави дека Пекинг ќе се брани на зголемите обврски за кинеските производи во вредност од 34 милијарди долари до кои доаѓа поради ескалацијата на конфликтот околу технологијата.

Скот смета дека растечката американска економија ќе ја ограничи штетата од секој трговски спор што САД го имаат со Кина или со сојузниците, како што се Канада и ЕУ.

„Ќе има многу индивидуални пореметувања, многу работници ќе бидат отпуштени, но економијата која добива 200 до 250 илјади работни места месечно, тоа ќе биде само шум загубен во севкупниот раст на економијата“, вели тој.

Поголема закана за економијата на САД, вели тој, е буџетот, како и даночната политика на администрацијата на Трамп.

„Основниот проблем со кој се соочуваме денес во меѓународната трговија е дека вредноста на еден долар е превисока и треба да падне за 25 или 30 проценти“, рече тој.

Скот наведува дека администрацијата на Трамп допрва треба да го реши тој проблем, бидејќи тоа е клучот за елиминирање на трговскиот дефицит и за обнова на американското производство.

Тој смета дека намалувањето на даноците донесено од Конгресот и потпишано од претседателот, плус веројатноста дека федералниот дефицит ќе се искачи во годините што следат, претставува поголема долгорочна закана за економијата.

„Би можеле да почнеме да апсорбираме сè повеќе и повеќе позајмени пари од остатокот од светот за да ги платиме нашите растечки буџетски дефицити“, рече Скот.

Тоа, според него, би изгледало слично како на она што се случи во 2005 година кога масовните зголемувања на позајмувањата на крајот доведоа до криза на хипотеките за домување и колапс на берзата.