Достапни линкови

ЕУ: одмазда за американските царини за автомобили


ЕУ се закани со трговска одмазда, Трамп најави решение
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

ЕУ се закани со трговска одмазда, Трамп најави решение

ЕУ предупреди на потенцијална глобална одмазда што ќе влијае врз американски производи во вредност од 300 милијарди долари, доколку претседателот Доналд Трамп воведе казнени тарифи за увоз на автомобили. Трамп пак, најавува дека е можно да се постигне позитивно решение.

Писмото со предупредување до американското министерство за трговија, Европската унија го испратила во петокот.

Во него се наведува дека тарифите за европската автомобилска индустрија - исто како и претходните за челик и алуминиум - немаат основа и претставуваат кршење на меѓународните трговски принципи.

Унијата исто така бара да учествува на јавната расправа која ќе ја одржи американското Министерство за трговија на 19-20 јули.

Брисел смета дека најновите податоци покажуваат дека американската автомобилска индустрија постојано се развива во изминатите десет години и оти увозот на возила од Европа не претставува економска закана за таа индустрија.

Рестриктивните мерки од страна на Соединетите држави, како што посочува Брисел, ќе го поткопаат сегашниот позитивен развој во индустријата за автомобили и авто делови во САД и ќе имаат негативно влијание врз американскиот бруто домашниот производ.

На минатонеделниот евросамит, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека Унијата цврсто ја брани слободната и фер трговија и оти се придржува кон мултилатералниот трговски систем.

Тој во текот на овој месец во Вашингтон ќе разговора со Трамп на оваа тема.

Тоа во понеделникот го најави и Трамп кој во Белата куќа се сретна со холандскиот премиер Марк Руте:

„Мислам дека ЕУ, наскоро ќе се состанеме со нив. Тие сакаат да видат дали можат издејствуваат нешто. И тоа ќе биде добро. И ако постигнеме нешто, тоа ќе биде позитивно, и ако не го сториме тоа, ќе биде позитивно. Ние само мислиме на оние автомобили што се истураат тука, ќе направиме нешто добро“.

На прашањето дали ќе се повлече од Светската трговска организација, претседателот Трамп изјави дека нема конкретни планови, но ако СТО не ги третира САД соодветно, тогаш „ќе преземел нешто“.

„СТО лошо се однесуваше со САД и се надевам дека ќе го смени таквото однесување“, рече Трамп

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG